Лице од Тетово неколкупати упатувало закани по живот и тело кон новинарка, која случајот го пријавила во СВР Тетово од каде се работи на документирање на случајот и подготвување на соодветен поднесок до надлежното јавно обвинителство.

Напад на новинар се третира и казнува како напад врз службено лице

На 10.09.2024 во 15.05 часот на улица „180“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Ф.Р.(48) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава дека во повеќе наврати преку социјални мрежи се заканувал на новинарката Л.В.Т.(32) од тетовска Мала Речица. Тој е задржан во полициска станица Тетово и по документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, стои во Полицискиот билтен на РМ.

Во рамките на Здружението на новинари на Македонија, воведен е онлајн регистар на физички, вербални или онлајн напади кои се забележани врз новинарите. Засега на нивната web страна може да се забележи дека во текот на 2024 година, пријавени и евидентирани се два напади врз новинари. Во рамките на регистарот овој случај се уште не е евидентиран, ниту класифициран.

Инаку, со новите измени во Кривичниот законик, напад на новинар се третира како посебно кривично дело – напад на службено лице и се квалификува по член 382 став 3 од Кривичниот законик. На 03 Октомври минатата година, поднесено е првото обвинение за напад кон новинар по откако по новите измени во законот, ова дејство се квалификува како напад кон службено лице и се третира со зголемени закани од санкции во согласност со КЗ.