Граѓанските здруженија кои промовираат „рамноправно и одговорно родителство“ и по развод на бракот, се обратија до институциите и јавноста со трогателна видео порака. Здружението „Наши“, „Децата пред се“ и здружението „Диверзиум“подолго време во јавноста апелираат на поделено старателство помеѓу двајцата родители по развод на бракот. Според нив, децата кои се под старателство на едниот родител, не само што се осудени времето да го поминуваат со едниот родител и да бидат отуѓени од другиот, туку се осудени на осамен живот, особено ако родителите имаат нарушени меѓусебни односи.
Тие наместо да бидат окупирани со подигање на децата, често децата ги ставаат помеѓу нив и ги обременуваат со нивните меѓусебни конфликти. И во тој случај нема победници, има само поразени страни, а најголем пораз се рефлектира врз иднината на детето, вели Сашо Панговски од Здружение „Наши“.
Во видеото се испраќа порака од прво лице една, во која детето како жртва на меѓусебните препукувања на родителите, е осудено, за разлика од своите другарчиња, празникот да го поминува само и во балансирање на завојуваните страни помеѓу родителите. Детето е принудено да избира помеѓу родителите кои еднакво ги сака и со тоа се доведува во ситуација да се чувствува „виновно“ за нивните меѓусебни конфликти.
Како што најавуваат од граѓанските здруженија со почетокот на Нова година, тие прогласуваат и почеток на интензивна кампања за промовирање на рамноправно и одговорно родителство по развод на бракот на родителите, која кампања за крајна цел ја има промената на актуелниот Закон за семејство, кој не предвидува поделено старателство на родителите во случај кога двајцата родители имаат нормални родителски капацитети и амбиции да учествуваат во животот на децата.
Со старателство само на едниот родител, другиот се сведува на „банкомат“ односно обврзан родител да плаќа издршка на детето, а често е ускратен да го остварува родителското право, бидејќи детето е целосно под контрола на родителот кој е старател и тој може да одлучува по сите животни прашања за детето без да го вклучи мислењето на родителот со кого детето не живее, велат од граѓанските здруженија.