Вечерва со почеток во 19.00 часот во археолошката сала при Музеј на град Скопје ќе се одржи промоција на збирката научнофанстастични раскази „Денот кога заборавивме да плачеме“ на Магдалена Стојмановиќ Константинов.
Промотор на книгата е проф. д-р Лазе Трипков, инаку професор по графички дизајн, а обраќање ќе има и авторката.
Покрај приказните кои имаат научнофантастичен карактер и се однесуваат на замислување на иднината креирана од напливот на вештачката интелигенција, публиката ќе учествува и во спроведување на модификација на т.н. турингов тест. Улогата на читателот е да препознае кој од вкупно девет раскази во збирката, не е напишан од авторката, но е генериран од софтвер на ВИ.
Идејата е да се види дали постојат стабилни и стандардни критериуми кои одделуваат уметничко од неуметничко и дали постојат разлики помеѓу човечко авторство и производство од алатки на вештачка интелигенција.
Влезот е слободен, а публиката ќе има можност да учествува во жив разговор со авторката на книгата и да развие дискусија за иднината на човештвото и ВИ.