Комуникациското загадување често се изедначува со информациското загадување, но и покрај сличностите на овие два термина, тие се разликуваат по доволен број карактеристики поради што е нужно да ги разликуваме.
Информациското загадување настанува како резултат на преголемата изложеност на информациите или изложеност на информации кои не се точни, проверени и релевантни. Во информациската ера, каква што ја живееме денеска, секој човек е изложен на многу повеќе информации одошто во минатото. Благодарение на технологијата и средствата за масовна комуникација можеме да добиеме брзи информации од скоро сите краишта на светот.
Во минатото информациите биле пренесувани во ограничен темпорално-спацијален контекст, односно обично се врзувале за тесната заедница на која поединецот припаѓал. Информациското загадување најдобро го опшишал античкиот мислител Сократ (469-399 пред н.е) говорејќи за безначајноста на гласините и трачевите. Кога еден пријател дошол да му пренесе некоја гласина за Диоген, тој му предложил прво да му одговори на три прашања пред да одлучи да му го соопшти тоа за што дошол.
♦ Заклучокот што Сократ го излекол е дека луѓето не треба да учествуваат во разговори во кои не се пренесуваат пред се вистинити информации, а потем и добри и корисни за соговорникот. Доволен услов според Сократ е, дури и само еден од одговорите на трите погоренаведени прашања да е негативен, во тој случај треба да се воздржите од пренесување и соопштување на информацијата.
На овој начин се спречува информациско загадување, кое за жал денеска не доаѓа често само од непосредната комуникација туку и од посредуваната комуникација, преку медиумите. Најдобар начин да ги избегнете полуинформациите е да ги подложите на сократовиот тест или да ги избегнувате содржините за кои знаете дека имаат поинаква цел освен да ве информираат.
Комуникациското загадување, пак, се однесува на облик на однесување кое поединецот го прифаќа од средината односно го стекнува преку комуникацијата. За разлика од информацијата која може да го смени однесувањето на поединецот на ниво на свесно однесување, комуникацијата го менува однесувањето на поединецот преку модел на учење – идентификација.
Во социолошките интеракциски и конструктивистички истражувања, Хоард Бекер (2001) истражувал зошто корисниците на наркотици пројавуваат девијантни облици на однесување. Со примена на интеакцискиот метод, кој директно го вклучува истражувачот во групата која ја истражува и тој е дел од неа, а не обичен опсерватор или контролор, Бекер и самиот станал консумент на дроги. За целите на истражувањето кое го спроведувал, тој конзумирал наркотици и самиот почнал да се однесува на идентичен начин како и припадниците на групата која ја истражувал.
Тоа покажува дека групата на која припаѓаме има силно влијание врз нашето однесување, а човекот е суштество на средината, односно суштество на заедница. Не залудно се вели: „Со кој си таков си“. Доколку човек помине голем дел од своето време во друштво со луѓе кои озборуваат, употребуваат пцовки, специфичен сленг и други комуникациски варијации, тој облиците на комуникацијата ќе го повторува во но и вон рамките на групата. Поради тоа комуникациските облици го градат комуникацискиот идентитет на еден поединец.
Постојат неколку начини да се заштитиме од комуникациско загадување:
- Напуштање на групата
Прва и најбезбедна метода за избегнување на комуникациско загадување е да ја напуштиме групата, односно да ја прекинеме комуникацијата. Секако тоа не е секогаш возможно затоа што понекогаш таа група е нашето семејство или колегите од работа.
- Слаба интеграција и партиципативност
Не мора да бидете прифатени во секоја група и секој од нас некаде просто не се пронаоѓа и не сака да биде дел од таа средина. Ако не можете инстантно да ја напуштите групата, обидете се да се изложувате на комуникација што е можно помалку и изберете да се занимавате со вашето хоби и разговори на телефон со ваши блиски луѓе додека сте во група која не ви одговара.
- Спротивставување
Доколку групата е агресивна и по секоја цена сака да ве вклучи во комуникацијата во која не се пронаоѓате, тогаш најдобро е отворено да се спротивставите. Најдобар начин е да им предочите дека не се наоѓате во таа комуникација и дека тоа не е вашиот начин на комуницирање. Јасно и гласно ставете се надвор од групата.
- Конфликт
Доколку спротивставувањето не ви успее и сметате дека сте загрозени од групата, влезете во отворен конфликт и бранете ги енергично своите позиции. На пример кажете дека ви е срам да седите со луѓе кои зборуваат за една личност во нејзино отсуство или дека вашите морални принципи не ви дозволуваат да комуницирате на начинот кој го наметнува групата. Доколку имате уште аргументи слободно предочете ги, но внимавајте да не почнете да го говорите нивниот јазик, бидејќи во тој случај конфликтот вас ве асимилира во групата, наместо да ве оддвои јасно од неа.
- Физичка дистанца
Најрадикален начин да се заштитите од насилна група е да направите физичка дистанца. Доколку ни конфликтот не ги спречи да навалуваат да стапат во ним патентираниот облик на комуникација, слободно отидете во некоја засебна просторија или само седнете на место кое доволно физички ве одалечува и ставете слушалки. Блокирајте го секој комуникациски импут од нивна страна. Доколку и во овој случај се обидат да ве вознемируваат, комуникацијата веќе станува отворен напад кој треба да го пријавите во надлежна институција.