Постои „поголема веројатност“ Европа да доживее значително заладување пред Божиќ, покажува новата долгорочна временска прогноза подготвена од водечките меѓународни климатски тела, пишува Јутарњи лист.
Ова предупредување доаѓа во време кога европските земји интензивно ги полнат складиштата за природен гас, надевајќи се дека ќе ја преживеат зимската грејна сезона без пристап до повеќе, па дури и без гас од Русија.
Иако аналитичарите проценуваат дека количините во полните магацини треба да бидат доволни за нормално да се помине зимата, јасно е дека доколку температурите нагло паднат, европските земји би можеле да бидат принудени да ја рационализираат, односно да ја ограничат потрошувачката на гас, што би имало исклучително негативно влијание на индустријата и работните места.
Можноста за студен период оваа година – најверојатно во декември – останува „многу реална“, изјави за Политико, Карло Буонтемпо, директор на Службата за климатски промени „Коперник“ при Европскиот центар за прогнози за временски услови со среден опсег (ECMWF).