Владата на денешната 85-та седница го разгледа и го утврди предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје – Парк на природата, кој ќе биде испратен во Собранието на натамошно одлучување.
– Со донесување на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата ќе се овозможи зачувување на природната состојба на локалитетот Студенчишко Блато преку заштита на природните и други вредности; спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите; создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност; и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите – информира владината прес-служба.
Како што се посочува во соопштението блатото Студенчишта претставува последен глацијален реликтен остаток на блатната вегетација во нашата држава, развиен за време на периодот на плеистоценот и е во загрозена состојба заради присуство на депонија, прекината комуникација со езерото, палење и уништување на блатната вегетација и формирање на обработливи површини.