По обилните врнежи од дожд и силниот ветар кои вчера попладне го зафатија Скопје на телефонскиот број 195 и преку бројот за итни повици 112 беа примени околу 180 пријави. Од нив, за поплавени простории од објекти – 80, за паднати дрва – 40, за оштетени возила и поплавени улици и подвозници – по 20, оштетени кровни конструкции – 15, скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со струја – пет.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи – ЦУК, сите овие пријави и проблеми за нивно решавање редоследно по приоритет биле проследени до: Бригадата за противпожарна заштита БППЗ, Градот Скопје, општините и јавните претпријатија во Градот.
БППЗ на Град Скопје после невремето со нивни екипи интервенирале во десетина случаи за испумпување на навлезена вода од објекти и критичните места.
На скопските сообраќајници од ЈП „Водовод и канализација“ известуваат дека вечерта и ноќта со цистерни и вакум цистерни работеа на исцрпување на насобраната вода и на одзатнување на атмосферската канализација на критичните места (подвозници и главни сообраќајници) и исто така по пријави на граѓани на уште 40-тина други места. Утрово состојбата е нормализирана – наведуваат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека од ЕВН известуваат дека дефектите во страна, дефектите во електро системот настанати од атмосферските празнења и силниот ветер во повеќе реони од градот и околината во текот на ноќта се отстранети освен кон селата Дворце и Радуша во Општината Сарај каде жителите се уште се без електрична енергија.
Според известувањето од Сообраќајната полиција како и ЈСП Скопје од околу полноќ состојбата на сите сообраќајници е нормализирана и утрово сообраќајот и јавниот градски превоз се одвивива нормално – посочуваат од ЦУК.