Поради големиот интерес на младите од Македонија за студирање на најдобрите 100 светски универзитети според Шангајската ранг листа, Министерството за образование и наука донесе одлука рокот за аплицирање за доделување на стипендија за престижните студии да остане до 15 септември.
Иако има значително зголемен број на апликации на објавените конкурси за стипендии за прв, втор и трет циклус на студии на највисоко рангираните високообразовни установи во светски рамки, министерството врз основа на извршени дополнтелни анализи одлучи рокот за аплицирање да не се менува.
Потсетуваме, право да аплицираат на конкурсите за стипендии имаат државјани на Република Северна Македонија кои се примени на некој од најдобрите 100 универзитети во светот, не се корисници на стипендија од друг давател и имаат постигнато одреден успех во текот на претходното образование (зависно од циклусот на студии на кој се запишуваат) – велат од МОН.
Оттаму информираат дека износот на стипендијата зависи од земјата и универзитетот на кој кандидатот се запишал и го покрива трошокот за уписнина најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, месечен паричен надомест и трошоците за превоз.