Првите пописи на населението по пандемијата во земјите од регионот покажаа загрижувачки бројки. Хрватска „загуби“ речиси 400.000 жители за една деценија, додека Македонија загуби 185.000 жители за две децении.
Пописот од 1991 година, спроведен во времето кога започнаа војните на територијата на поранешната држава, беше повторен во некои поранешни републики кои стекнаа независност за да го утврдат официјалниот резултат.
Според пописот од 1991 година, Србија била убедливо најбројната југословенска република со речиси 9,8 милиони жители. Во „смалената Србија“ (без Косово и Војводина) имало 5.808.906 жители, во Војводина 2.031.992, додека бројката за Косово е всушност проценка на Заводот за статистика, бидејќи мнозинството Албанци од Косово го бојкотирале пописот. Според тие записи, во Србија без територијата на Косово живееле 7,8 милиони жители.
Во 1991 година, Хрватска имала речиси 4,8 милиони жители, а Босна и Херцеговина 4.365.369.
Тогашната Социјалистичка Република Македонија имаше нешто повеќе од два милиони жители, а Словенија речиси два милиони.
Поранешна република со најмал број жители била Црна Гора – со 615.000 жители.
Ако пописот од 1991 година се спореди со најновите достапни податоци за земјите од регионот, евидентно е дека населението значително се променило.
Гледајќи колективно, денес во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина живеат 2,3 милиони луѓе помалку отколку во 1991 година.
Србија имала 7.186.862 жители на последниот попис на населението спроведен во 2011 година. Пописот не ја опфати територијата на Косово, а резултатот е делумно нецелосен поради бојкотот на пописот во Прешево, Бујановац и Медвеѓа.
Ако ова се спореди со бројката од 1991 година (7,8 милиони), јасно е дека Србија за 20 години „изгубила“ 650.000 жители. Пописот во октомври 2022 година се очекува да покаже дека оваа бројка е уште поголема, а многу аналитичари сметаат дека има големи шанси Србија да падне под седум милиони жители.
Денеска Хрватска има 3.888.529 жители, што е за речиси 900.000 помалку отколку во 1991 година.
Според првиот повоен попис во 2013 година, Босна и Херцеговина има 3,5 милиони жители. Тоа значи дека во период од 22 години бројот на жители се намалил за 834.000.
Во 2022 година, по 19 години, Македонија спроведе попис на населението. Од него се откри дека сме изгубиле речиси 190.000 луѓе во тој период. Бројот на жители не се промени значително од 1991 до 2002 година (минус 11.000).
Пописот во Словенија покажа дека бројот на жители во 2011 година бил поголем од 1991 година за речиси 100.000 жители.
Во 2011 година во Црна Гора живееле 5.000 луѓе повеќе отколку во 1991 година.
Сепак, можеби клучната и најболна причина за големиот пад на населението е огромниот број луѓе кои ги напуштаат земјите од Западен Балкан.
Младите луѓе и сè повеќе цели семејства, често не само од финансиски причини, одат во земјите од Западна Европа, со билет во еден правец во џеб, додека земјите од Западен Балкан се повеќе стануваат „земја на стари луѓе“.