„Имагинариум“ е насловот на традиционалната годишна изложба на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, која во присуство на управниот одбор, ректорот, генералниот секретар, професорите, студентите и многу гости, вчеравечер беше отворена во големата хала на поранешната печатница, во просториите на оваа високообразовна институција.
На атрактивната изложба, која предизвика голем интерес во јавноста и особено кај љубителите на современата уметност и дизајн, беа претставени делата на студентите од сите три насоки моден, графички дизајн и дизајн на ентериер, создадени во текот на академската 2021/2022 година.
Минатата година го прославивме нашиот 15-годишен јубилеј. По две изданија на Годишната изложба, кои се реализираа во дигитална форма поради глобалната пандемија, овој пат се враќаме и во физичкиот простор, кој повторно ни даде можност за интеракција, за размена на идеи и енергии, за дружење. Ќе видиме дела на студентите од графички, моден и дизајн на ентериер, обединети под наслов „Имагинариум“. Оваа изложба е портал кон умствениот простор во кој царува бесконечната имагинација на нашите студенти. И оваа година, студентите од првиот и вториот циклус прикажуваат нови трудови и свежи креативни достигнувања од редовните наставни активности, но и од учествата на конкурси за дизајн, проектите, изложбите, модните ревии. Тие се претставуваа во јавноста, истражуваа за културното наследство, испраќаа важни пораки за одржливост, екологија, инклузија, толеранција, човекови права, слобода и свест за јавните добра, истакна на отворањето на изложбата проф. д-р Гордана Вренцоска, декан на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје.