Возраста на која се заминува во редовна пензија во земјите од Европа е различна и се движи од најмногу 67 до најмалку 56 години. Во одредени земји е иста возраста на која се пензионираат и мажите и жените, а во други, пак, жените одат порано од мажите.
Се разликува и барањето за минимален стаж како услов за пензија. Според податоците од пензиските фондови, најдолго се работи во Италија, Грција, Норвешка, каде што границата за редовно пензионирање е 67 години, а најрано во пензија се заминува во Русија.
Во земјите од Балканот, возраста на која може да се оствари пензија е слична и се движи околу 64-65 години. Во Македонија мажите се пензионираат на 64, жените на 62 години, со можност по желба да продолжат да работат до 64, како и мажите.
Но, разлики има и во очекуваниот животен век, кој при раѓање во ЕУ во 2020 година изнесувал 80,4 години, што е за 0,9 години пониско споредено со претходната 2019 година.
Највисок очекуван животен век на ниво во ЕУ при раѓање имаат жителите на Норвешка – 83,3, Исланд и Швајцарија – по 83,1 години. Италија има очекуван животен век од 82,3 години, додека најмал Бугарија – 73,6 години и Романија – 74,2 години. Кај нас очекуваниот животен век е 74,4 години, покажуваат податоците на Евростат.
Во земјите од регионот најдолг очекуван животен век при раѓање имаат Грците – 81,4 години, потоа следи Хрватска – 77,8, Албанија – 77,4, Црна Гора – 75,9, Србија – 74,5 и Бугарија – 73,6 години.
Животниот век при раѓање во земјава споредно со 2019 година е намален за 2,2 години, кога бил 76,6 години, што е најголемо намалување меѓу сите земји во регионот, додека во Бугарија и Србија е скарен за 1,5 години.