Здравствените власти велат дека во моментов истражуваат необјаснети случаи на хепатитис кај деца во четири европски земји и во САД – пренесува Би-Би-Си.
Случаи на хепатитис или воспаление на црниот дроб се пријавени во Данска, Ирска, Холандија, Шпанија и САД, соопштија здравствените власти.
Минатата недела британските здравствени власти соопштија дека откриле повеќе случаи на болеста кај децата од вообичаено. Причината се уште не е позната. Европскиот центар за контрола на болести (ЕЦДЦ) не прецизираше колку случаи се вкупно идентификувани во четири европски земји.
Но, Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека помалку од пет биле дијагностицирани во Ирска и три во Шпанија. Тие додаваат дека во наредните денови најверојатно ќе бидат откриени уште случаи. Истрагите за причините за болеста се во тек во сите европски земји каде што се пријавени случаи, соопшти ЕЦДЦ.
Во САД, Одделот за јавно здравје на Алабама соопшти дека девет случаи биле откриени кај деца на возраст меѓу една и шест години, од кои на две им била потребна трансплантација на црн дроб. Во тек се истраги за слични случаи во други држави, се додава.
Убедливо најголем број случаи се пријавени во ОК – вкупно 74 досега. Минатата недела, Агенцијата за здравствена безбедност на ОК објави дека вообичаените вируси кои предизвикуваат хепатитис (хепатитис А до Е) не се откриени во случаи во ОК.
Затоа, истражувачите бараат други можни причини и веруваат дека тоа би можело да биде вообичаен аденовирус. Аденовирусите се фамилија на вируси кои обично предизвикуваат бројни поблаги болести како што се настинки, повраќање и дијареа.
Сепак, се наведува дека се истражуваат и други можни причини за болеста, а не е исклучен КОВИД-19. Сепак, се додава дека не постои видлива врска помеѓу оваа појава на хепатитис кај децата и вакцинацијата против КОВИД 19.