Штрајкот во училиштата и градинките низ државава на членовите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) продолжува, поради што втора работна недела нема настава и згрижување на децата. Советот на СОНК вчера одлучи да не го прифати предлогот на Владата за 10 проценти покачување на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.
Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата, рече претседателот на СОНК Јаким Неделков на прес-конференција по седницата на Советот на СОНК, чие членство бара зголемување на платите за 18,4 проценти и нивно усогласување со минималната плата.
За СОНК е неприфатливо тоа што добиле усен предлог за 10 процентно зголемување на платите, односно 95 проценти од синдикалните организации се изјасниле за отфрлање на таквата усна понуда.
Неделков пренесе дека членовите на СОНК констатирале дека ваквиот пристап од страна на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот. Сепак, како што рече, Советот на СОНК е подготвен да има интензивни и рационални преговори со Владата на кои би се усогласиле спорните прашања и би се потпишала спогодба, како би можело во најкраток можен рок да продолжи воспитно-образовниот процес.
Според Неделков, учениците нема да бидат скратени од понудата и можност да надоместат за тоа што сега го имаат изгубено во тек на штрајкот. Предвидена е, појасни, скратена наставна програма со која наставната содржина ќе се реализира во целост во позбиена форма или со поголема динамика.
Имаме искуство, сме работеле и друг пат во такви услови и за време на пандемијата кога наставните часови беа 30 минути, а требаше истата содржина да се реализира во рамки на 30 минути. Досега наставниците имаат изгубено зависи кој наставен предмет, еден, два или три, еветуално пет наставни часа ако е математика или јазик меѓутоа секој од наставниците знаат како тоа да го надоместат – појасни Неделков, одговарајќи на новинарски прашања.
Од Владата, пак, во реакција на објавата од СОНК, порачаа дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска и здравствена криза. Оценија дека одбиената понуда за 2500 денари покачување на платата значи дека СОНК ги става личните интереси пред оние на децата.