Грција се стреми, како што се приближува летниот период, постепено да ги укинува рестриктивните мерки наметнати од пандемијата, а до Велигден, според најавите од министерот за здравство, се очекува да се олабават низа рестрикции.
Во секој случај, пораките се дека било која мерка што се укинува, од септември можеби да биде потребно одново да се разгледа и евентуално повторно да се воведе.
Минатата седмица беше соопштено укинување на неколку мерки што се однесуваат на казните за невакцинираните граѓани над 60-годишна возраст, на задолжителните селф тестовите, односно тестовите за домашна употреба за учениците и просветните работници и на исполнетоста на стадионите.
Од 15 април привремено ќе се укине административната месечна казна од 100 евра за невакцинираните граѓани кои се над 60-годишна возраст, а мерката, што беше воведена на средината на јануари, одново ќе се разгледа во септември.
Стадионите ќе функционираат со целосна исполнетост, а учениците и вакцинираните просветни работници ќе прават само еден селф тест седмично.
Претходно пак, на почетокот на месецов се укина задолжителната маска на отворено, а од пред десет ден, повеќе не е потребно пополнување на ПЛФ формуларот за патување во Грција.
Ова, засега останува и единствената промена во однос на туристите. Правилата за влез во Грција остануваат непроменети, потребен е документ за Ковид-19, кој исто така важи и за пристап во речиси сите објекти во земјата, без разлика дали се продавници, кафулиња, ресторани, таверни, музеи, археолошки локалитети, кина, театри, спортски објекти итн.