Според американското Министерство за транспорт, забраната се однесува на сите авиони кои се поврзани со Русија, без разлика дали станува збор за патнички, чартер или транспортни летови.
Исто така, забраната се однесува на сите авиони кои се регистрирани, сертифицирани, управувани во Русија или контролирани од лица поврзани со Русија.
Бајден нагласи дека Соединетите Држави и сојузниците во НАТО се обединети во нивниот одговор на „неиспровоцираната и однапред смислена инвазија на Русија против Украина“.
Тој изјави дека „Русија од ситуацијата во Украина ќе излезе послаба, а светот посилен“.
Соединетите Држави и нивните сојузници ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО со полна сила на тој сојуз, рече Бајден, повторувајќи дека нема да испраќа војници во Украина.
Мобилизиравме копнени сили, воздушни единици, морнарица за да ги одбраниме земјите на НАТО, вклучувајќи ги Полска, Романија, Летонија, Естонија и Литванија – рече Бајден.