Во изминатите неколку денови температурите се далеку под нулата, а согласно прогнозите на метеолозите ваквото време ќе се задржи до крајот на месецот.
Ниските температури и мразовите се честа причина за премрзнување на бездомните животни кои во вакви временски услови се оставени на улица, без засолниште, во недостаток од храна и водата која надвор е целосно замрзната.
Кампањата „Отвори врата“ има за цел да ги повика сите совесни граѓани да ги отворат влезовите на зградите или на своите гаражи и да послужат малку вода и храна во истите простории.
На тој начин им се овозможува на кучињата и мачките скитници да се засолнат во потопло место и да имаат пристап до храна и вода.
*Редакцијата „Мој збор“ ве повикува да покажете човечност и грижа кон бездомните животни и да им ја отворите својата врата – тоа е најмалку што може да направиме за нив!