Даме и Горјан се браќа кои својот бизнис го наследиле од нивниот татко. Семејниот бизнис, кој со децении го работи семејството Димитровски, се однесува на поправка на коли. 

Уште од мал Даме покажуваше поголем интерес за поправка на коли, одошто Горјан. Горјан секогаш се држел на страна и комуницирал со другите луѓе додека Даме неуморно помагал во поправката.

Горјан и Даме уште од мали покажувале различни афинитети и карактерни особини

Поради, растот на претпријатието, потребен бил и кадар кој ќе се занимава со одредување на термини за поправка, телефонска комуникација со корисници на услуги и подготовка на план за работа и наплата.

Пред да замине во пензија, Марија, мајката на Даме и Горјан ја преземала оваа задача, покрај домаќинските работи кои ревносно ги извршувала. Таа постигнувала да сработи се иако денот со огромна листа на работни обврски бил многу долг.

По заминувањето на родителите во пензија Даме и Горјан одлучиле да го преземат семејниот бизнис. Но поради тоа што Даме веќе целосно го усвоил знаењето од механиката, тој требало да ја прави поправката на коли, додека Горјан требало да ја организира работата и да закажува термини во комуникација со клиенти.

Нивниот бизнис напредувал со брзината на светлината и тие секој ден придобивале се повеќе клиенти. Но додека Даме работел и по 12-13 часа на ден и заминувал дома валкан, Горјан работел по неколку часа во денот, а потоа закажувал разни состаноци по ресторани.

Горјан постојано излегувал на „состаноци“ со клиенти и потенцијални клиенти и често бил низ скопските ресторани

Кога клиентите доаѓале во сервисот, сите се поздравувале со Горјан и никој со Даме, бидејќи рацете на Даме биле постојано валкани.

Од премногу ракување, Горјан развил опсесивно-компулсивно пореметување и постојано ги миел неговите раце, дури и кога не фаќал ништо. Даме, пак, не можел да ги измие рацете бидејќи материјалите со кои работел оставале црнило, за што не биле доволни само сапун и вода да се отстранат.

Даме изгледал валкано и гнасно за клиентите, а Горјан изгледал секогаш педантно и чисто.

Поради тоа што не ја разбирал природата на работата, а сакал да го зголеми бројот на клиенти, Горјан за двојно ги зголемил закажаните поправки на коли.

Даме неуморно работел на поправка на коли со цел да ги исполни барањата на клиентите и да им понуди квалитетна услуга

Даме се повеќе се изморувал од работа и не постигнувал да ги направи сите закажани поправки, поради што бил мета на критика и на својот брат и на клиентите.

Но еден ден решил да му објасни на својот брат дека е невозможно да ги преземе сите закажувања на поправки што тој ги врши, по што настанала голема кавга и разидување до напуштање на бизнисот.

По некое време, Даме и Горјан аплицирале за работа, бидејќи од семејниот бизнис останала само прашината по полиците од работилницата.

Во CV на Даме пишуваше дека има работно искуство во поправка на коли, во CV на Горјан пишуваше дека имал искуство како менаџер на микро претпријатие.

 

Денеска Даме, работи во сервис за коли, а Горјан е директор за продажба во голема компанија. Рацете на Даме и денеска се валкани од работа, а рацете на Горјан и денеска се чисти од неработење!

*Ликовите се производ на фикција, но се типизирани протагонисти во приказната преку кои се пренесува дидактичката порака!