Секоја сезона еколошкото одморалиште „Сонева Фуши“, објавува оглас во кој бара „продавач на книги“ чија задача е да им препорача литература за релаксација на туристите во книжарница на плажа. Продавачот кој ја прифаќа работата ќе остане на островот Кунфунаду на Малдиви од октомври до април.
Среќникот кој е избран ќе живее во одморалиште со 5 ѕвезди, и преку ден ќе разговара со туристите и ќе се обиде да ја разбуди нивната читателска љубопитност, препорачувајќи им книги за читање.
Минатата година Криси Рајан ја прифати работата и рече дека во тој период „развила нови страсти, открила нови вештини и стекнала нови пријателства.
–Патував многу, оставив пријатели и семејство зад себе и најдов сосема нова заедница на мал остров среде Индискиот Океан. Ги тестирав своите граници и повторно го открив моето чувство за себе, напиша Криси на блогот на компанијата.
Филип Блеквел, кој ја води книжарницата во одморалиштето „Сонева Фуши“, вели дека минатата година имало многу кандидати од различни професии: адвокати, ИТ менаџери, поети, библиотекари во пензија, па дури и новинари кои работеле за Белата куќа.
Но, интересот не е толку важен за оваа работа:
–Најважно е претходното искуство во продажба на книги. Идниот продавач на Малдиви мора да ги сака луѓето, да знае сé за книгите и најважно, како да ги продаде. Ова не е работа за некој што ќе седи во канцеларија осум часа, туку за некој што ќе биде во контакт со гостите и кој ќе им помогне на луѓето во нивното читање.