Абрахам Маслов е еден од двата најзначајни преставници на хуманистичката парадигма во психологијата.
Вториот е Карл Роџерс.
Маслов е творец на познатата пирамида на потребите на чиј врв се наоѓа потребата за самоактуализација или во превод лично остварување.
Маслов (1970) ги опишал самоактуализираните луѓе како луѓе кои се реализирани и кои прават се за што се способни.
При проучувањето луѓе кои тој сметал дека се самоактуализирани, како на пример Абрахам Линколн, Алберт Ајнштајн, Вилијам Џејмс и др, Маслов идентификувал 15 карактеристики на самоактуализирани луѓе.
Еве кои се тие:
- Точна перцепција на реалноста
- Уживање во нови искуства
- Тенденција за доживување врвни искуства
- Јасни морални стандарди
- Смисла за хумор
- Чувство на блискост со сите луѓе
- Блиски пријателства
- Демократски карактер, прифаќање на другите
- Потреба од приватност
- Независност од културата или животната средина
- Креативност
- Спонтаност
- Насоченост кон проблемите, наместо насоченост кон себе
- Прифаќање на човечката природа
- Отпор кон конформирање.
Интересно е да се спомене дека, според Маслов, можност за лично остварување имаат само луѓе кои успеале да ги задволат своите останати потреби кои се наоѓаат пониско на пирамидата на потреби.
А тие се: физиолошките потреби, потреба за безбедност, потреба за љубов и припаѓање, потреба од почитување, интелектуални и естетски потреби.
Исто така, забележително е тоа што естетските потреби или потребите за сетилно искуство, Маслов ги става над интелектуалните потреби, што е обратно од сите останати хиерархизирања, особено од рационалистите во филозофијата.