Според членот 137 од Законот за работни однос, работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни денови.
–Годишниот одмор со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни денови, стои подолу во истиот член од Законот.
Повозрасен работник, инвалид, работник со најмалку 60% телесно оштетување и работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток има право на уште три работни денови годишен одмори.
Работникот, според законодавецот, кој за првпат заснова работен однос се стекнува со правото на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеци кај ист работодавач, без оглед на тоа дали работникот работи полно или пократко работно време.
–Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година. Годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни денови годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30-ти јуни следната година. Годишниот одмор којшто не бил искористен во тековната календарска година заради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30-ти јуни следната календарска година, стои во членот 141 од Законот.
Доколку работникот има договор за вработување со неполно работно време има право на годишен одмор со минимално времетраење од 10 работни денови.
–Празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа не се пресметуваат во деновите на годишниот одмор. Како ден на годишен одмор се смета секој работен ден кој е според распоредот на работното време кај работодавачот за конкретниот работник одреден како работен ден, стои во членот 138 од Законот.
За користење на годишен одмор во случај на склучување на договор за вработување со друг работодавач, работникот го користи годишниот одмор кај работодавачот кај кого стекнал право на негово користење, освен ако со работодавачот поинаку не се договорил.
По престанување на работниот однос, работодавачот е должен да му даде на работникот потврда за искористен годишен одмор.