Професорот Александар Димовски кој ја води истражувачката лабораторија во МАНУ, по влегувањето на делта-сојот во земјава, вели дека со коронавирусот ќе се справуваме сигурно уште една до две години и апелираше до сите граѓани, а посебно до ризичните групи и хронично болните, да се вакцинираат против ковид-19.
– Она што сега го знаеме со сигурност е дека вакцинацијата спречува тешка форма на болест. Дури и ако некој што е вакциниран се разболи и го шири вирусот, ќе има една блага клиничка слика која ќе ја помине на нозе, или со еден ден температура, што е апсолутно небитно за здравствениот систем, а ќе нема ниту потреба од мерки кои буквално ја затворија државата, а и целиот свет. Тоа е апел до сите, посебно оние кои се ризични групи да ја искористат можноста да се заштитат себе, да се вакцинираат за да ја вратиме ситуацијата во нормала – изјави Димовски.
Тој вели дека за да се надмине ситуацијата, државата мора да дојде до 70, 80, па дури и 90 проценти развиен имунитет, или природен или преку вакцинација.
– Кога ќе се случи тоа, сето ова ќе прекине, а дотогаш ќе имаме вакви „нагоре-надолу“ ситуации, а сите сакаме ова да заврши. Уште година-две најверојатно ќе се занимаваме со ова, да се надеваме дека нема да се доведеме до онаа ситуација во која што бевме, а досега сите податоци говорат дека ситуацијата ќе се подобрува, но не е завршена – изјави тој.