Снимен е нов краток документарен филм за Кратово во изработка на „Аристон продукција“.
Документарниот филм за Кратово е само еден од многуте документарни филмови на Аристон продукција која работи на афирмирање на културните вредности, богатства и цивилизациските траги од историјата во Овчеполскиот регион.
Според м-р Никола Ристевски, продуцент и автор на книгата „Зборник за Кратово“:
–Македонија е земја која изобилува со природни ресурси и културно наследство. Скоро секој град во државата се наоѓа на локација каде што населба постоела и претходно, најчесто дури и пред нашата ера. Во североисточниот дел на Македонија се наоѓа Кратово, град кој е најголем нем сведок на културното наследство во нашата земја. На територијата каде што се наоѓа денешниот град уште од античко време постоела населба. Рудните богатства се користеле уште во антиката, римскиот и ранохристијанскиот период, но и во средните векови. Градот на кулите и мостовите претставува вистински музеј на отворено, кој воодушевува со средновековната архитектура.
Во документарниот филм за Кратово, ќе можете да го проследите историскиот развој на градот, сведоштвата на познати османлиски патеписци за Кратово, запишани во нивните култни и светски познати патеписи, за животот и дејствувањето на Јоаким Крчовски во Кратово, за легендите кои му даваат митско објаснување на потеклото на некои природни феномени или приказна за настанување на бројните мостови кои го красат Кратово и денеска.
*Целиот документарен филм можете да го подгледнете на линков.