Сите знаеме дека читањето на книги е неопходна дејност за здрав ментален развој на децата.
Но, се чини дека оваа вистина е повеќе усвоена како фраза и несекогаш доволно се подразбира колку е комплексна и важна улогата на читањето книги врз детскиот развој.
Читањето има различни цели кога се во прашање возрасните и децата.
Кај возрасните може да има и елементи на забава, анализа, критика, задоволување на љубопитност и сл.
Кај децата читањето на книги најмногу се одразува врз сеопштиот развој.
Когнитивен развој
При читањето, децата поврзуваат комплекс од сензации.
Тие со сетилата забележуваат морфолошки, синтаксички и прагматички целини, но тие повикуваат значење и смисла, дури имаат и репрезентации во форма на ментални слики.
Процесот на создавање на ментална слика е сложен и повеќеетапен процес кој го ангажира целосно когнитивниот капацитет и го развива когнитивниот субјект.
Читањето на книги, дури и кога тоа претставува напор, носи здрав когнитивен развој.
Возрасните кои повеќе читале како деца поуспешно ги препознаваат асоцијациите, имаат поструктурирана мисла, појасно ги пренесуваат содржините на свеста и поуспешно го користат јазикот во секоја смисла.
Контативен развој
Факт е дека, децата кои повеќе читаат, имаат поголем опсег на внимание и се помотивирани.
Вниманието е конативна состојба која се вежба, а една од најдобрите тренинзи е токму читањето.
Читањето е еден вид на медитација бидејќи го тренира читателот да ги фокусира мислите во препознавање на слоеви на она што го чита.
Исто така, децата – читачи се помотивирани, бидејќи нивните мисли се пороганизирани.
Постои корелација помеѓу мотивираноста и организираноста. Хаотичните луѓе бргу губат мотивација.
Емоционален развој
Возрасните кои емоционално созревале преку идентификација со ликовите од книгите имаат поразвиена емоционална интелигенција.
Тие точно знаат да ги идентификуваат емоциите кај другите и кај себе, но и да ги контролираат.
Психолошкиот реализам во романите на Достоевски ни овозможува да нурнеме длабоко во внатрешниот свет на ликовите, преку што и учиме за комплексниот психички субјект кај другите и кај себе.
Библиотерапија
Библиотерапија е лекување со помош на книги и е прилично успешна.
Кога луѓето се соочуваат со одредена траума, лош период во животот, или стануваат порочни, се препорачуваат selfhelp книги кои ја супституираат улогата на психологот.
Библиотерапијата е многу успешна во детскиот развој бидејќи децата се учат да ги бараат одговорите во книгите, енциклопедиите, науката и сл, со што се градат во автономни мислители.
Тие потешко потпаѓаат под манипулација и туѓа контрола.
Автор: Магдалена Стојмановиќ