Наскоро во Интернет етерот ќе се емитуваат содржините од Радио МОСТ кое е првото балканско радио со седиште во Скопје.
Радио МОСТ, ќе пренесува вести, репортажи и настани од сите делови на поранешна Југославија, на македонски и српско-хрватски јазик.
Идејниот творец на проектот, Бобан Јовановиќ за „Мој збор“ истакна дека Скопје како град на солидарноста, повторно ќе ја потенцира таа симболика преку Радио МОСТ бидејќи ќе ги поврзе вредносно народите, малцинствата и државите од поранешна Југославија.
Радиото официјално започнува со работа на 25ти Мај и ќе се емитува на www.radiomost.net.
Овој датум е симболично избран, бидејќи во поранешна Југославија е славен како „Ден на младоста“. Во денешен контекст, денот на младоста, ќе значи ново раѓање (ренесанса), повторно поврзување на народите од ЕКС-ЈУ кои меѓусебе се отуѓени по распадот на Југославија и секако го симболизира почетокот во создавање на унија помеѓу различните.
Тимот на Радио МОСТ се води од мотото дека „Сите сме различни, но делиме исти вредности“ и затоа целта на радиото е да ја зголеми видливоста на малцинските групи, да им дозволи на групите да ја истакнат својата различност, но и да се потенцира сврзното ткиво од вредности кои се универзални и кои сите ги споделуваме.
Радио МОСТ е онлајн 24 часовна програма од аудио-визуелен карактер во која се нудат најразлични типови на содржини за широк спектар од таргет публика.
На 25ти Мај со почеток од 12 часот, радио МОСТ ќе биде дел од вашиот секојдневен етер.