ЦРНИОТ ПОНЕДЕЛНИК (24.12.2012) беше обид на СДССМ да го блокира носењето на Буџетот на државата за 2013 година. Изговорот беше дека ДПМНЕ премногу ја задолжило државата. Пратениците од СДССМ имаа исштампано куп листови на кои пишуваше 100 милиони евра алудирајќи на тогашното задолжување на државата за нови 100 милиони евра. Мавтаа со листовите и викаа дека државата оди во грчко сценарио алудирајќи на грчкиот банкрот. Претходно во комисиите, со цел да се блокира расправата, тропаа, пееја, кршеа микрофони и што уште не. Тоа заврши со бркање на новинарите од Собрание, а потоа собраниското обезбедување, по наредба на тогашниот спикер Трајко Велјановски, ги исфрли пратениците од СДССМ како пијани од дискотека. Надвор пред Собрание Црвенковски, Заев, Јакимовски, челнови на СДССМ и граѓани кои наседнаа на нивната приказна го порбија полицискиот кордон и направија обид да влезат во Собрание но беа спречени.
Како се гледа дека задолжувањето беше изговор и дека целта беше да се дојде на власт? Во 2018, кога СДССМ веќе беше на власт, само во периодот од 1 февруари до 31 март државата се задолжи за 182 милиони евра. Јавниот долг уште лани во октомври надмина 60% од БДП (колку што максимално дозволува ЕУ), а сега во моментов само надворешниот бруто долг се истопори на 80,2% од БДП. Толку од приказната за големата загриженост на СДССМ за преголемата задолженост на државата и јасен доказ дека целата онаа претстава на црниот понеделник во 2012 беше само израз на нивното болното властољубие.
ЦРНИОТ ЧЕТВРТОК (27.04.2017) беше обид на ДПМНЕ да го блокира конституирањето на Собранието, а со тоа и да блокира избор на нова Влада, за што СДССМ, ДУДИ и екипа си имаа веќе обезбедено доволно гласови. Изговорот беше дека го штитат Уставот и името. Поради тоа што Велјановски ја одолговлекуваше конститутивната седница, СДССМ, ДУДИ и екипа се договорија да го гласаат Џафери со кревање рака. Пред Собрание имаше луѓе (најголем дел од нив беа оние кои беа наседнале на приказната за одбрана на Устав и име) во координација со Крсто Муковски, кој патем им ја отвори вратата, влегоа во Собрание. Дел влегоа во пленарната сала, дел се пуштија да ги тепаат пратениците на СДССМ, ДУДИ и останати. Полиција со саати немаше, а инцидентот заврши и крваво. Од нареднииот ден изборот на Талат се прифати ко нормална работа.
Како се гледа дека заштитата на Уставот и името беа само изговор и дека целта беше да се остане на власт? Прво, без гласови од ДПМНЕ промена на Уставот беше невозможна. Второ, после година и пол откако ДПМНЕ стана опозиција, 8 пратеници на ДПМНЕ гласаа за промена на името и Уставот. Тие својот глас го дадоа како трампа за аменстија меѓудругото и на дел од обвинетите во насилството од 27 април со што јасно станува дека 27 апприл и го овозможи менувањето на Уставот. Во таа трампа учествуваа Бетка Канческа Прада, Авировиќ, Старова, Арнаудовски, Василевски и Муковски а сето тоа со помош од бившиот министер за смрт Тодоров. Муковски не доби само амнестија, тој сега си добива и тендери во суми од по стотици илјади евра. Дополнително, останатите пратеници од ДПМНЕ, оние кои се противеа на ова, кога се наближуваше промената на Уставот организираа протести во Ташмаруништа. Истите тие на самиот дена на промената на Уставот во Собрание стоеја ко ноеви пред ограда. Еден од тие четириесет и кусур пратеници да го нокаутираше Заев во Собрание, тој ден немаше да има промена на Устав оти немаше да има ни мнозинство. Ама во прашање беше јавен интерес, не останување на власт па мотивите беа слаби. Толку од големата загриженост за промената на Уставот и името.
Во нормални држави парламентите народ не се тепа во собрание. Се тепаат пратениците. Таму нити некој од надвор смее да влезе, ниту собраниското обезбедување смее да пипне пратеник. Во превод, ако некој во парламент силеџиски ја задолжува државата, пратениците, а не граѓани од пат, се тие што треба со сила да го спречат тоа. Ако некој насилно менува Устав и име, пратениците се тие што треба насилно во парламентот да го спречат тоа. Они се избрани на државнички позиции и они се тие чија должност е да си ја стават главата во оган кога е загрозен јавниот интерес. Нашиве актери се толку никакви што дури ни кога им е загрозена фотелјата не ја ставаат својата глава во оган ами пуштаат да горат обични граѓани. Па и откога ќе испозаглават обичен народ за нивните фотелји потоа излегуваат во нивно име на протести со цел да ќарат политички поени.
Е затоа црниот понеделник (24.12.2012) и црниот четврток (27.04.2017) се битните датуми во поновата македонска историја оти од настаните на овие денови најубаво се гледа болното властољубие и лицемерие на СДССМ и ДПМНЕ.
АВТОР: Саше Јанчев за Мој Збор