Скоро едно од седум лица имале симптоми на Ковид-19 три месеци подоцна, покажуваат новите податоци на Обединетото Кралство.
Најголемото долгорочно истражување на ковид од страна на британскиот Завод за национална статистика (ОНС) покажа дека луѓето со коронавирус пријавуваат здравствени проблеми многу почесто од општата популација, што може да вклучува болка во мускулите и замор.
Во примерок од повеќе од 20.000 луѓе кои биле позитивни на Ковид-19 помеѓу април 2020 година и март оваа година, 13,7 проценти продолжиле да доживуваат симптоми најмалку 12 недели.
Тоа е осум пати повеќе отколку во контролната група на луѓе кои веројатно немале Ковид-19, според ОНС.
Од оние кои биле позитивни, една петтина или 21 процент сè уште имале симптоми на коронавирус пет недели по тестирањето.
Жените почесто пријавувале долгорочни ковид симптоми отколку мажите, 14,7 проценти во споредба со 12,7 проценти и тоа било најраспространето кај оние на возраст од 25 до 34 години.
На поголем примерок на луѓе со и без тестови на Ковид, ОНС процени дека 1,1 милиони луѓе се соочиле со долгорочен Ковид во четири недели до 6 март.
Од таа бројка, околу 697 000 луѓе прво имале Ковид или мислеле дека се разболеле од оваа болест најмалку 12 недели претходно, додека 70 000 првпат се соочиле со вирусот или мислеле дека се заразиле пред една година.
Се проценува дека долгорочниот Ковид негативно влијае на секојдневните активности на 674.000 луѓе, додека 196.000 објавија дека строго ги ограничува во извршувањето на секојдневните активности.