Никола Миланоски е млад атлетичар од Кичево кој веќе неколку години професионално се занимава со атлетика.
Покрај својот спортски ангажман Никола е и писател, љубител на поезија и вљубеник во книгите и издавачката дејност во Македонија.
Во интервју за „Мој збор“ Никола ни одговори како изгледа животот на еден професионален спортист, дали спортистот е урнек на младите и им испраќа порака како треба на правилен начин да го користат своето слободно време, колку спортот помага во социјализација и интеграција на општеството и дали занимавањето со спортот е редукцијата на животната смисла на еден спортист.
- Познато и општоприфатено е дека „во здраво тело е здрав дух“. Дали сметаш дека спортувањето е еквивалент и гарант за здраво тело?
-Да, дефинитивно најголемата гаранција за нашето здравје да биде во одлична состојба е спортувањето. Но, на тоа би додал дека исто така голема улога има и нашата исхрана. Човекот е роден да се движи – движењето е живот – животот е движење.
Од здравствен аспект кога говориме за физичката активност долг е списокот на придобивки кои ги добиваме и физички и психички.
Најчесто голем број од луѓето како изговор кажуваат дека немаат време, но нели кога се сакаш себеси и кога малку подобро го организираш времето и размислиш дека твоето тело го заслужува тоа ќе најдеш барем 1 час во денот – 4 пати во неделата и ќе спортуваш. Ти гарантирам дека ќе имаш поголема опуштеност, смиреност и поголема насмевка на лицето.
- Колку атлетиката како спорт со кој се занимаваш бара од тебе жртва, дисциплина, тренинг, а кој е аутпутот од занимавањето со атлетика, дали е тоа задоволство, чувство на личен успех, победничко чувство, задоволување на натпреварувачкиот порив или нешто друго?
-Пред се атлетиката ја избрав затоа што тоа е индивидуален спорт и се ќе зависи од мене. Да, се бара дисциплина и тоа голема.
Секогаш мора да си поставуваме се поголеми и поголеми цели и мислите да не водат дека можеме, можеме уште повеќе и уште подобри да бидеме во борбата со времето и должината на километрите.
Тренингот е време кога се чувствуваме исполнето и прекрасно, било тоа да е во раните утрински часови што прави денот уште повеќе да го започнеме со позитивна енергија или па во вечерните часови кога многу лесно ќе се ослободиме од сите стресни ситуации кои ги добиваме од околината.
Чувството кога ќе успееме да направиме нов личен рекорд ќе има ли зборови да го опишеме?
Можеби ќе се измислат некогаш, а до тогаш задоволството ќе се гледа од насмевките на лицата и треперењето и возбудата кога стигнуваме на целта и го добиваме медалот за завршената трка.
- Дали сметаш дека спортувањето станува нов животен стил кој сега е во тренд и дека се повеќе луѓе почнуваат барем аматериски да се занимаваат со некоја спортска дисциплина?
-Да, од година во година свесноста кај населението за придобивките од спортувањето се повеќе и повеќе се зголемува.
Ме радува фактот што животниот стил се менува и станува тренд оваа здрава навика. Секој човек има сопствени карактеристики и склоности, и секој според својата индивидуалност одбира спорт во кој ќе ужива и ќе се развива како физички така и ментално и на своето тело ќе му даде благодет, смиреност и волја за поквалитетен живот.
- Која е улогата на спортот во социјализацијата на еден поединец. Дали тоа што си атлетичар ти помага полесно да се најдеш во друшво и средина на сродници? Можеби ти помага да те препознае општеството како дисциплиниран млад човек кој испраќа порака дека младите треба слободното време да го трошат на спортување, а не на пороци?
-Улогата на спортот во социјализацијата на поединецот е исто така многу важна. Се поголем и поголем е бројот на формирање на атлетски клубови во нашата држава и секако се повеќе и повеќе се зголемуваат заедничките тренинзи и дружења после тренинзите.
Иако во мојот град сосема е мал бројот на тие кои се занимаваат со атлетика, сепак ме радува фактот што за време на моите тренинзи среќавам се повеќе млади кои своето слободно време се одлучиле да го користат за спортување. Често ми се случува да добивам совети како и потоа и јас да пренесам од тоа на останатите.
- Дали трчањето по патеките е твојот животен маратон и смисла на животот или е само еден сегмент од твојата самореализација?
-Трчањето е една од двете работи кои ме исполнуваат во животот. Паралено со тоа е мојата љубов и кон пишувањето поезија за која што инспирација е се околу мене но се разбира најмногу љубовта.
п.с. На крајот од ова интервју на сите ваши читатели би им порачал – Не сонувајте, живејте го својот сон. Здравјето и продолжувањето на вашиот живот не го барајте во медицината, пробајте и почувствувајте ја магијата на трчањето и важноста на спортот за вашиот живот.
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ