Пациенти кои имаат инфекција со SARS-CoV-2 вирусот може да развијат сериозни компликации на гастроинтестиналниот систем кои во некои случаи се манифестираат и со обилни крварења или со акутно воспаление на панкреасот.
Затоа е потребно лекарите да бидат внимателни и да не ги потценуваат или занемаруваат раните и благи гастроинтестинални симптоми.
Ова се главните препораки од деветтата онлајн дебата која ја организираше Лекарката комора со цел овозможување на подобра комуникација и размена на искуства меѓу здравствените професионалци за лекувањето на пациентите инфицирани со вирусот кој веќе една година го држи светот во пандемија.
Научен соработник д-р Дафина Николова од Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија објасни дека најчест гастроинтестинален симптом кој го добиваат пациентите е дијареја која се јавува кај 30% од инфицираните, а потоа следува губење на апетитот кај 26.8% од пациентите. Пациентите чувствуваат и гадење и/или повраќање (3.9-10.1%), како и абдоминална болка/дискомфорт (1.1-2.2%).
Таа потенцираше дека кај болните кои имаат само гастроинтестинални симптоми често е одложено дијагностицирањето на Ковид-19, што ги прави овие пациенти извор за расејување на вирусот.
– Потребно е високо ниво на свесност кај клиничарите, бидејќи овие пациенти се хоспитализираат во не-ковид центри што може да претставува опасност за останатите пациенти и персоналот. Лекарите треба да бидат внимателни и да не ги потценуваат или занемаруваат раните и благи гастроинтестинални симптоми и да се сомневаат на можна ковид-19 инфекција, дури и кај пациенти со претходна постоечка гастроинтестиналнa болест – истакна Николова.