дома прашуваме други интервју Интервју со Златко Панзов: Човештвото влегува во нова фаза во која ќе...

Интервју со Златко Панзов: Човештвото влегува во нова фаза во која ќе се среќаваме со работи кои до пред некое време ни беа незамисливи

4366
2

Златко Панзов е познат македонски преведувач и фотограф кој во моментот живее и работи во Будимпешта. Панзов работи како професор на универзитетот ELTE во Будимпешта и е еден од најзаслужните за тоа што денеска неколку стотици студенти ширум светот, токму во Будимпешта го изучуваат македонскиот јазик.

Златко Панзов на македонската читателска публика има приредено неколку преводи од унгарски на македонски јазик. Активно се занимава со преведувачка дејност и фотографија, а неговите фотографии често може да се забележат на онлајн изложби во светски реномирани медиуми.

Во интервју за „Мој збор“ Панзов ни образложува за позицијата на фотографијата во „светот на уметноста“, естетичките аспекти на „убавото и грдото“ во фотографијата, промените во фотографската дејност предизвикани од светската пандемија, врската на книжевноста со фотографијата како две убави уметности, но и своите лични и субјективни инспирации и вредности во творењето.

Љубовта ме однесе во Будимпешта: Интервју со лекторот Златко Панзов

Интергралното интервју со Златко Панзов, во продолжение:

  • Пред некое време некои портали направија некој вид на „онлајн изложба“ на твоите фотографии. Се чини дека тој тип на прикажување на уметничкото творештво во време на светска пандемија станува чест модус. Дали сметаш дека таквиот начин на стеснување на врската помеѓу уметноста со масовните медиуми ги открива предностите и добрите страни на масовните медиуми насптори општото верување дека тие служат за „пропаганда и обликување на јавно мнение по нарачка на коорпорации и политичка елита“?

-Светската пандемија едноставно наметна нови начини за презентирање на уметноста. Сведоци сме на најразлични креативни облици на „онлајн“ изложби, промоции, претстави итн.
Добивме „онлајн“ образование, „онлајн“, „онлајн“ сè, мислам дека човештвото влегува во нова фаза (дел поттикнато и од пандемијата) во која ќе се среќаваме со работи за кои до пред некое време ни беа незамисливи.


Масовните медиуми се како меч со две острици, имаат и позитивни и негативни страни, и добро и зло.

  • Голем број од твоите фотографии се фотографии на природата, но постојат и фотографии на артефактно. Дали можеш да направиш куса споредба помеѓу „убавото“ што се наоѓа во природата како твој објект на фотографитање и на „убавото“ во артефактно?

-Најголем број од моите фотографии се улична црно-бела фотографија. Ги документирам улиците на Будимпешта (или каде и да се наоѓам во моментот), сакам да го пренесам она на што сум сведок во моето секојдневие, луѓе и приказни од трамваи, метроа, улици, маркети… Научив да бидам незабележлив, и успешно да „крадам“ моменти од животот на непознати луѓе во дадени (случајни или неслучајни) ситуации.


Но не се лишувам и од фотографирање на природа.
„Убавото“ во природата го наоѓам во нејзиниот спектар од бои и форми (точка!).
Уличната (стрит) фотографија својата убавина ја крие во својот црно-бело-сив спектар на небои и карактери (три точки).

  • Кон крајот на XX век во теорија на уметност почна да се говори за „бегство на убавото како клучна естетичка категорија од уметноста“. Дали во фотографијата има „фотографија на грдото“ и која е нејзината естетичка вредност?

-Не знам. Темата е широка и заморна. Технологијата им овозможи на сите да бидат „фотографи“. На ден се прават/објавуваат милиони фотографии, стотици илјади се добри фотографии (минати низ филтрите што ги поседуваат фотоапаратите и мобилните телефони), половина од нив се едитирани, имаме презаситеност од „убавина“!


Она што за некого е убаво за мене е грдо, и обратно. Она што некој го смета за врвна уметничка фотографија за мене е кич, и обратно.


Проучувајќи ја и експериментирајќи со фотографијата мислам дека сум го пронашол својот сопствен израз, она што најмногу одговара на мојот карактер и бекграунд, и сакам да истекува преку моите Fujifilm X100T и Xpro2 природно, необременето од никакви теории.

  • Критиките на твоите фотографии откриваат дека во нив може да се забележи посебен тип на „семантичка динамика на ликовното“. Што следува прво – перцепција на ликовното во просторот па приказната која се развива од ликовните претстави или прво ја имаш идејата за тоа каква приказна треба да направиш, па потоа правиш селекција на појави кои ги фотографираш?

-Долго се занимавам со книжевност и превод. Мојата перцепција на светот се развивала и се надградува преку литературата.


Со фотоапаратот сме сраснати, многу добро се познаваме, знаеме што сакаме еден од друг, што можеме да очекуваме еден од друг, тој е продолжување на сите мои сетила (шесто сетило) и во дадена ситуација се претворам во омнисцентен наратор, „воајер“ и „уловувам“ приказна. Невидлив сум и во тие неколку мига (зависно!) од отворање на блендата, дел од животот или приказната на некој туѓинец.


Идејата е да документирам, селекцијата на појавите веќе е сосема природна кај мене, се работи многу повеќе за среќа, но се случувало да чекам и со денови за да „фатам“ нешто што претходно веќе сум го видел.

  • Фотографија и преведувачка дејност се чини се две сосема различни дејности кои ти успешно ги работиш паралелно. Фотографијата веќе се третира како „една од убавите уметности“, но колку е застапена уметноста во преведувачката дејност. Дали преведувачката дејност значи само херменевтичко пренесување на значењата од еден на друг јазик или постои слободен простор за творештво и авторство кај преведувачот?

-Преведувањето е уметност. Преводот и се смета за уметност. Не се работи само за пренесување на значења, туку цели култури. Не се преведуваат зборови, туку идеи итн. Има многу теории за преводот, искуството ме научило дека треба да се преведе/пренесе „духот на книгата“ (со особеностите на авторот, времето, просторот итн.)


Голем дел од унгарските писатели што сум ги преведувал се фотографи, доколку книжевноста и фотографијата се надополнуваат во нивните случаи, тогаш во мојот успешно се надополнуваат книжевноста-преводот-фотографијата.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ

2 КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде