Оправданоста на протестите под мотото црните животи се важни, доби нова верификација по уште едно полициско убиство на афроамериканец, кое само допонително ќе го разгори гневот на луѓето кои постојано маршираат низ улиците на голем број американски градови.

Крвавиот инцидент се случи во градот Атланта, во сојузната држава Џорџија.

Полицијата добила пријава дека едно возило го блокира приодот кон ресторанот Вендис. Двајцата полицајци во паркираното возило го виделе 27 годишниот Рејшард Брукс, кој спиел. Полицајците Герет Руф и Девин Броснан најпрвин се обиделе да добијат информации во каква состојба е човекот.

Што се случува човеку, имаше долг ден или нешто слично? Што е работата? Ок, ни се јавија луѓе и ни кажаа дека го блокираш приодот, ме разбираш? Добар ли си? Да не ти треба брза помош или нешто слично или само си уморен? Ок, јас ќе го тргнам моето возило, ти застани на страна и одмори, ајде, вели полицаецот Дејвид Броснан.

Откако се посомневале дека е под дејство на алкохол, полицајците прво го тестирале Брукс , дали може да се движи координирано по што му бил направен и алко-тест. Бидејќи било утврдено дека тој е пијан, полицајците пристапиле кон негово апсење. Тука почнува и серијата инциденти која ќе доведе до крвавиот крај. Брукс успешно се спротиставувал на двајцата полицајци и му го зел електрошок-пиштолот на еден од нив.

Почнал да бега , додека полицајците трчаат по него. Во еден момент Брукс се врти кон полицајците и пука од електрошок пиштолот. Не го погодил полицаецот кој бил во негова непосредна близина , по што тој го вади своето огнено оружје и го застрелува афроамериканецот. Тој паѓа на улицата и подоцна е утврдено дека истрелот бил смртноносен.

Овој настан уште повеќе ги разгорува страстите на демонстрантите од движењето @Black life matters“ кои протестираат низ улиците во САД по повод убиството на афро-американецот Џорџ Флојд од страна на полициски службеник.

Извор: telma.com.mk