Марта Гелхорн е родена 1908 година, а умира во длабока старост во 1998 година. Важи за најистакната и најхрабрата репортерка на воени настани во светот. Марта Гелхорн е воедно и писателка и новинарка, која својот имиџ го изградила на огромната храброст која ја покажала при снимањето на репортажи од терени во завојувани подрачја низ светот.
За време на Шпанската граѓанска војна, се родила љубовта помеѓу Марта Гелхорн и во тоа време веќе истакнат и доброафирмиран писател Ернест Хемингвеј. Гелхорн е само едно од неколкуте имиња кои се поврзуваат со страсниот, разновиден, а можеби и хаотичен љубовен живот на Хемингвеј. Но, нивната длабока и интензивна љубов е инспирација за книжевни и филмски остварувања.
Во моментот на запознавање, Хемингвеј веќе бил во брак со Паолина Хемингвеј – конзервативна, посветена сопруга и мајка која своето семејство го одржувала на вредностите со религиско потекло. Тој брак Хемингвеј го раскинува по 4 годишно заедничко живеење со Марта Гелхорн и непосредно по разводот со Паолина, Хемингвеј веднаш се венчава со Марта.
Во тоа време, на насловните страни од дневниците главна вест била токму венчавката на Хемингвеј со Марта Гелхорн, која одбила да го земе неговото презиме бидејќи својата личност и дело сакала да ги гради независно од веќе признаетиот писател со голема општествена моќ и углед.
Марта Гелхорн била неакредитирана новинарка, со огромна љубов и посветеност кон тоа што го работи, за разлика од Хемингвеј кој бил исклучително талентиран, но хаотичен, мрзлив и порочен. Па поради тоа, Гелхорн почесто работела и престојувала надвор од нивниот семеен дом.
По неколку години брак, Марта Гелхорн и Ернес Хемингвеј се разведуваат. Разводот од Гелхорн на Хемингвеј оставил длабоки последици. Иако тој повторно се жени со значително помлада жена, неговиот љубовен и професионален живот почнуваат да одат во удолница што е причина за депресија од која Хемингвеј не успева да се извлече и поради која се самоубива.
Марта Гелхорн доживува длабока старост и продолжува да работи скоро до последните денови од нејзиниот живот со истата посветеност и жар како и во младоста. Иако Гелхорн одбивала да се осврнува на нејзиниот однос кон Хемингвеј, која тема ја интригирала јавноста, сепак во нејзината игноранција се криела длабока болка и специфичен однос кон нивните спомени и заеднички искуства.
Сите биле убедени дека Хемингвеј го извлекол „подебелиот крај“ од нивната разделба бидејќи додека тој бил во професионална и емотивна декаденција, Марта Гелхорн никогаш не се откажала од неуморно работење и продолжила понатаму со својот живот.
Се шпекулира дека Ернес неможејќи да се помири со еланот и виталноста на Марта често ја деградил во нивните меѓусебни препукувања нарекувајќи ја: „Обична новинарка која дури не е ни акредитирана“. Затоа Марта Гелхорн направила се да ја докаже својата посебност во однос на Хемингвеј по цена да се откаже од нивните заеднички спомени и долг заеднички љубовен живот кој е инспиративен и податлив за многу уметнички остварувања.
Според љубовта на Хемингвеј и Гелхорн е снимен филм во 2012 година на Филип Кофман со Никол Кидман во улога на Марта Гелхорн и Клив Овен во главна машка улога.