Градинките од денеска почнуваат со работа согласно здравствените протоколи.

Сите установи за згрижување и воспитување на децата во Македонија имаат капацитет да примат 19 илјади деца согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца, како што посочи министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

При тоа приоритет ќе имаат самохраните родители и родителите кои не можат работните обврски да ги вршат од дома и ќе приложат соодветна потврда.

Со протоколот за активности што го донесе Комисијата за заразни болести, се овозможува реализација на работата под посебни мерки за превенција од ширење на коронавирусот.

Протоколот опфаќа план на активности и делување кои се однесуваат на самата установа, на воспитно-згрижувачкиот кадар и на родителите на децата кои ќе посетуваат градинка, како што истакна министерот за здравство Венко Филипче.

Извор: Нова Македонија