дома животен стил занимливости Инспиративна приказна за боксер од Аушвиц кој боксувал за да добие корка...

Инспиративна приказна за боксер од Аушвиц кој боксувал за да добие корка леб која ја делел со другите

837
0

Нечовечка издржливост, челична тупаница и огромно срце. Ова е најкраткиот опис на полскиот боксер Тадеуш Петшиковски, кој ги преживеал ужасите на концентрациониот логор Аушвиц. Но, дури и таму, во Аушвиц, Теди ги умешно ги демонстрира своите вештини. Тој се бори со чуварите, облогот е бесценет – корка црн леб, кој го дели со своите исцрпени другари. Го нарекуваа „Шампионот на Аушвиц“.

Животот пред војната

Тадеуш Петшиковски е роден на 8 април 1917 година во Варшава. Во раните години тој останал сирак и бил принуден да се справува со животот сам. Почнал да работи уште како дете, а во истото време тренирал и бокс. Тадеуш боксувал за главниот градски клуб Легија, а негов тренер бил Феликс Стам, познат како „патријарх на полскиот бокс“. Специјалистот го развил талентот на Теди и тој станал шампион на Варшава и втор на државно ниво пред избувнувањето на Втората светска војна.

Петшиковски е дефиниран како феноменален боксер и се очекува да биде следната ѕвезда на полската репрезентација. Прогнозите за него се одлични, но тој почнува да страда од повреди, факт што го забавува развојот на неговата кариера.

Војната и логорот

Инвазијата на Полска започната на 1 септември 1939 е лесна задача за Германците. Отпорот на локалното население не може да го запре напредувањето на моќната воена машина. Во тоа време Теди веќе се бори за одбраната на својата земја. По паѓањето на Варшава под германска власт, Петшиковски пробува да избега во Франција за да влезе во редовите на полската армија во егзил. Обидот е неуспешен и тој е уапсен на унгарско-југословенската граница. Петшиковци е испратен во затвор, а подоцна влегува во пеколот на логорот на смртта Аушвиц.

Битките за леб и одењето меѓу животот и смртта

Од првите денови во кампот, на Петшиковски му станува јасно дека најтешката борба што ќе треба да ја добие е борбата за опстанок. Теди и неговите другари работат 14 часа на ден и ги издржуваат мачењата од страна на нацистите.

Во март 1941 година, животот на боксерот драматично се менува. Еден ден, додека седел на куп цигли и ги чистел болвите од својата облеката, слушнал викови на полски јазик, кои доаѓале од правецот на кујната на логорот. Кога отишол таму, тој видел дека возбудата се должи на натпревар во бокс на импровизиран ринг.

Во рингот боксува чувар по име Валтер Дунинг, кој бил боксер во германскиот шампионат и тврдел дека е поранешен шампион во средна категорија во предвоените години. Истиот Дунинг имал навика да ги малтретира логорашите и да ги користи како спаринг партнери. За само две недели откако дошол како чувар во логорот, Дунинг претепал повеќе од 20 затвореници. Петшиковски разбира дека виковите на полски се повик кон него за да премери сили со Валтер. Целиот камп се надева дека Теди ќе успее да го победи Валтер, иако двајцата се во тотално различни категории. Полјакот е полесен од неговиот противник со цели 30-тина килограми. Наградата сепак е голема: парче леб и угледот на боксерот број еден во логорот, што е доволно Тадеуш да се согласи без двоумење. „Немам што да изгубам“, вели Петшиковски и влегува во ова нерамна борба. Самиот Дунинг го прашува неколку пати дали е сигурен дека ја сака оваа борба, а Петшиковски му кажува дека нема намера да се повлекува.

„Борбата почна, а во мојата глава како светкавици блеснуваа советите на мојот тренер Стам. Се сетив на мојот прв и на мојот последен натпревар пред да почне војната. Знаев дека мојата единствена опција е да победам. Дунинг беше добар боксер, дури не знам кој од нас двајцата беше подобар. Јас поверував дека невозможното може да стане можно“, раскажувал Теди за својата прва борба во Аушвиц.

Теди доминира и уште во првата рунда се гледа дека има предност пред германецот. Колегите на Дунинг не веруваат на своите очи, а затворениците се дерат на цел глас: „Тепај ја швабата“.

Дунинг се предава во втората рунда и џентлменски го признава поразот. Како награда полскиот боксер добива половина леб и неколку коцки маргарин. Петшиковски го дели ова „богатство“ со своите другари од логорот.

Како награда за победата врз Дунинг Петшиковски е преместен во друг дел на логорот, каде што Теди има пристап до млеко и друга храна, која исто така ја дели со другите луѓе во логорот.

Целата објава прочитајте ја на Трибуна