Пред неколку дена објавив материјал во кој се раскажува за трагичната судбина на едно малечко дете, кое станало жртва на мафијашка пресметка од средината на 90-те години на минатиот век.
Во нашата мила Македонија, кодексот на честа не постои. Кај нас речиси и да нема јавна личност чие дете да не било истопорено во текст и што е најстрашно речиси секогаш во негативна конотација.
Деновиве крвожедните трагачи по вистината, ја побараа главата на еден од најдобрите лекари во Македонија, а имено д-р Жан Митрев. Повод за расчеречувањето на овој човек стана информацијата дека неговиот 25-годишен син Филан е суден за тероризам во Германија.
Причината за тоа д-р Жан Митрев да се најде пред стрелачкиот вод на ограничената проста маса која редовно ги чита порталите кои побрзаа да направат медиумска сензација од ова случување е секако учеството на докторот во кампањата за референдумот за промена на уставното име што се одржа на 30 септември 2018 г. Референдумот како што знаеме сите не беше успешен, па промената на името помина во Собрание со ниту еден глас против. Нешто што исто така ќе остане во историјата.
Ја сакате главата на д-р Митрев? Тој, според вашите ограничени и полни со омраза мозоци исчувал радикален исламист-терорист? Д-р Митрев е новото месо за старите мршојади, за хиените што пиштат вртејќи се околу лавовите со намера да чепнат онака подмолно од нивниот улов.
Ја сакате главата на Митрев, но за среќа единственото нешто што можете да го добиете од него е да го видите неговиот грб, ако (да не дава Господ) му текне да си ги собере пљачките и да фати магла од оваа земја.
Се сеќавате ли на првата трансплантација на срце извршена во Македонија и од македонски тим на доктори?
Таа трансплантација извршена во мај годинава, ја работеа докторите Сашко Јовев и Жан Митрев заедно со докторите Васил Папестиев, Марјан Шокаровски, Ванѓел Здравески, Кјутим Џелили, Тања Анѓушева, Никола Христов, Стефанија Хаџиевска, докторка Надица Мехмедовиќ, Весна Миташова,Јасмина Илиевска, Марија Гераковска и Димче Славевски.
Тука би сакал да ги спомнам и докторите Марјан Шокаровски, Александар Колевски и Александар Николиќ, кои ја извршиле пак експлантацијата на срцето на починатата пациентка Емилија Динева.
Се сеќавате ли на Емилија?
Бидејќи како што можам да забележам го заборавивте д-р Митрев, па му се нафрливте како жедни за крв вампири.
На оние најрадикалните и секако најзаборавени од Господа сакам да им порачам:
Недраги и немили мои, д-р Митрев не е одговорен за постапките на својот одамна влезен во полнолетството син. Д-р Митрев не го однел на „салафитската“ собиранка на која Филан го открил својот нов пат. Ќе речете дека не го воспитал своето дете, така е, но може би причината за тоа е фактот, што немал доволно време да го прави тоа, бидејќи бил зафатен со спасувањето на човечки животи.
Да токму така, за разлика од вас сезнајковци и експерти на секое поле, д-р Митрев позади себе оставил многу спасени животи. Што ќе остане позади вас? Глупавите коментари на социјалните мрежи? Тивки прдежи, кои откако ќе ги пуштите се правите на удрени? Кажете ми што ќе остане?
Автор: Атанас Величков