Времето се дели на квантитативно и квалитативно време. Квантитативно време е она што се претставува нумерички – се гледа на часовник, години, календар и сл. Квалитативно време е време кое ве повикува нешто да направите.

Често слушаме фрази од типот – Сега е вистинско време да се направи нешто, а таа фраза најчесто се (зло)употребува и во политичките кампањи.

Нашето општество е полно со концепти кои го организираат приватниот живот на луѓето, особено одлуките за брак, деца и основање на семејство.

Од тие причини често се слушаат прашања – Кога ќе се ожениш или омажиш? / Време ти е за деца и слични други сугестии.

Ако сте се запрашале кога е тоа време кога треба да ги донесете клучните одлуки во вашиот живот, еве што треба да знаете:

Вистинско време не постои, а искуствата се индивидуални

Обично луѓето кога сакаат да ве „посоветуваат“ за тоа кога е вистинско време за брак, деца и семејство ви кажуваат некоја лична приказна.

Но, вистината е дека сите искуства се индивидуални и дека никој нема рецепт за тоа што е успешен брак, чии деца ќе се најсреќни и кое семејство ќе е најхармонично.

Оние кои се полна уста совети за вас, веројатно во своите домови имаат многу поголеми проблеми кои треба да ги решат пред да добијат легитимитет вас да ве советуваат.

Луѓето се сурови, ваше е да живеете по свои правила

Само луѓе кои немаат внатрешна сила да создадат свои правила на животот, следат туѓи. Но колку и да следите туѓи правила секогаш ќе се најде некој што нема да е задоволен од тоа како ги живеете вашиот живот.

Единствена инстанца која треба да биде задоволна од вашиот живот сте само вие. Не е лесно да се изборите со средината која често е сурова. Но за тоа треба многу работа на себе.

Еднаш кога ќе изградите стабилна, силна и самоуверена личност ќе успеете да им ги симнувате маските на сите и да носите промени во вашето опкружување.

Вистинско време не значи и среќен живот

Постојат луѓе кои внимаваат на исполнување на општествените норми, па ако оптимално време за брак и семејство е 26 години тие ќе стапат во брак токму тогаш.

Но, тоа што ќе ги исполните општествените норми не ви дава гаранција дека ќе основата здраво и среќно семејство и дека ќе бидете повеќе почитувани од другите.

Напротив луѓето кои се медиокритети никогаш не добиваат почит од другите, тие само избегнуваат осуда, но не носат никакви промени и развој, ниту за себе, ниту за другите.

Семејството е сериозен повик

Да се основа семејство не е лесна задача. Многумина сметаат дека семејство треба да се основа по секоја цена, а потоа што „ќе ни даде Господ“.

Од тие причини насекаде околу има дисфункционални семејства во кои нема хармонија, а животот на членовите во тоа семејство е потежок од живот во пекол.

Пред да се основа семејство треба да се биде сигурен за сопствената зрелост да се понесе одговорност и во сопствената способност да се изгради здраво, среќно и хармонично семејство.

Детето нема да ви ги реши проблемите во бракот

Не е редок пример на брачни партнери кои и покрај несогласувањата и лошиот брак се одлучуваат за деца мислејќи дека кога децата ќе дојдат на свет, со магично стапче ќе им ги избришат сите проблеми во бракот.

За жал, децата само го земаат фокусот на родителите на себе, па брачните партнери престануваат да бидат брачни партнери и целосно се препуштаат во родителската улога.

Но незадоволството од себе и од брачниот партнер многу често се рефлектира токму на родителската улога и на детето.

За среќно семејство е потребно пред се да имате стабилна брачна врска, пред да се одлучите на преземање на родителската улога.

Или доколку не сте во брак, а сакате да имате дете, да сте задоволни прво од сопствениот живот, бидејќи е себично да очекувате од едно мало, несвесно и беспомошно суштество да ви ја реши осаменоста и да ви донесе животна смисла.

Вашиот партнер е само ваш избор

Сите сакаме да имаме партнер со кој можеме да се гордееме, а гордоста е една од емоциите кои го компонира сложеното чувство на љубов.

Сепак колку и партнерот да ги исполнува сите услови за тоа да биде „добар партнер“ и прифатлив за околината, тоа нема да ви донесе мир и среќа во вашите 4 ѕида во кои најчесто ќе сте само вие.

Од таа причина вашиот партнер/ка е само ваш избор и најважно од се е да имате меѓусебна врска многу посилна од сите други врски. Бидејќи вашиот партнер е вашето идно семејство, а семејство што вие го основате е единствениот простор каде што може да направите избор за разлика од претходното кога не сте избрале каде да се родите.

Магдалена Стојмановиќ

*Авторот е м-р по социолошки науки и дипломиран професор по филозофија