Прелиминарните резултати од клиничките испитувања укажуваат дека новиот метод на лекување на Ковид-19 може да го намали бројот на пациенти што имаат потреба од интензивна нега.

Биотехнолошката компанија „Сунаирген“, со седиште во Саутемптон, тестирала протеин наречен „интерферон бета“ на болните пациенти од коронавирус, а кој нормално го произведуваат клетките од нашиот имунолошки систем при вирусна инфекција.

Испитаниците преку небулизатор го вдишуваат протеинот директно во белите дробови за да постигнат имунолошки одговор колку што е можно поскоро. Првичните резултати покажале дека овој метод на лекување може да ја намали веројатноста хоспитализираниот пациент да заврши на интензивна нега или да има потреба од респиратор за 79 отсто.

По вдишувањето на протеинот, пациентите имале два до трипати поголема веројатност да закрепнат, тврди компанијата „Синаирген“.

Клиничките испитувања исто така покажаа дека кај пациентите бил намален недостигот на здив по вдишувањето на протеинот, а просечното време поминато во болница било намалено за една третина, од 9 на 6 дена.

Испитувањето вклучувало 101 доброволец, примени на лекување во девет болници во Велика Британија, а кои имале Ковид-19. Половина од учесниците го примиле лекот, а другата половина го добила она што е познато како плацебо – неактивна супстанција.

Извор: BBC