дома животен стил Зависност од новост

Зависност од новост

1177
0

Сите тежнеат кон нови работи. Нови случувања, нови луѓе, нови искуства и познанства го стимулираат нагонот за живот и имаат во нив мистика која го стимулира човекот и го прави побуден, поактивен и попосветен во истражување на новото.

Сепак во социјалната психологија почнува да се појавува термин „зависност од ново“ кое укажува на абнормалност во социјалниот живот и социјалните релации кај поединците.

Зависност од новост е опозит на „закоравен традиционалист“ или фундаменталист. Додека традиционалистот настојува по секоја цена да ја одржи формата на општење од своите предци, од минатото, од семејните нормативи, зависникот на новост е целосно ориентиран кон иднината и себе се доживува како прогресивна сила во општеството.

Модерниот начин на живот создава се повеќе зависници од новости, вредносниот систем кој премногу ја форсира слободата, мултикомпозитниот стил на живот, како и бројот и флуидноста на социјалните релации овозможува поголема распространетост на овој феномен.

Симптомите на зависност од новост:

Менување на луѓе од ваше опкружување

Ако често ви се случува да менувате социјално опкружување – факултети, работни места, домови, пријатели и партнери тогаш најверојатно пребргу се заситувате од една средина и барате нови возбуди наоколу.

Секој од нас го има тој момент, но границата на нормалното лесно се поминува. Важно е да знаете кога целно-ориентирано правите промени во животот, а кога инстинктивно донесувате одлуки да го напуштите старото место и да појдете во нови авантури.

Ако одењето во нови авантури треба да ви донесе конкретни промени – конкретни искуства, заклучоци, да ве унапреди како личност во тој случај е оправдана одлука, но доколку само се движите наоколу како „мува без глава“ и се приближувате на се што е ново и ќе го сретнете наоколу тогаш време е да побарате психолошка помош.

Немате секојдневни навики

Додека за некој повторувањето на едни исти работи секој ден е сигурен влез во депресија и монотонија, некои луѓе уживаат во тоа да имаат организиран ден.

Секако дека секој ден не е ист со другиот, но постојат работи кои ги правите секој ден – одите на работа, готвите појадок, го носите кучето на прошетка, се грижите за домашните миленици, за вашето семејство, спортувате и сл.

Доколку имате работи кои ги правите секој ден на ист начин тогаш тие веројатно ви ја одржуваат вашата врска со вашето константно „селф“.

Зависниците од новости имаат потреба константно да „облекуваат“ ново селф кое драстично се разликува од претходното, а често и целосно ја губат врската со нивното претходно селф.

Ги менувате односите со вашиот партнер

Секако дека секој пар ужива да експериментира и да воведува новини во нивната врска. Од новини во кревет до места за патување и заеднички работни проекти, секој пар се обидува да воведе новини што ќе им го насочат заедничкиот фокус и ќе им обезбедат заеднички уживања и искуства.

Но сепак секој пар си има свое – омилено место за излегување, заедничко омилено јадење, омилена активност што често ја прават заедно, омилена секс поза, омилен дел од космосот каде што сакаат да бидат.

Се додека постојат стабилни референци партнерството е здраво, кога ќе почнат партнерите да бараат новини без да имаат заеднички активности кои се константни и се јадрото на нивната врска, тогаш веројатно барем едниот од нив пати од зависност од новости.

Не сте доследни на ниту една ваша вредност

Ставовите се менлива категорија, тие зависат од искуството, од размислувањето, од когницијата како процес генерално. Но не е и вредностите, некои вредности се трајни и тие го издржуваат тестот на времето.

Ако досега ви било вредност да бидете мирољубиви, нема да почнете да браните насилство само затоа што тоа ви овозможува ново искуство и нова возбуда.

Во моментот кога ќе почнат да ви стануваат нормални работите за кои сте кажале дека никогаш нема да си ги дозволите време е да се преиспитате дали можеби сте жртва на зависност од новост.

Магдалена Стојмановиќ

Авторот е м-р по социолошки науки и дипломиран професор по филозофија