Бременоста е период кој трае прилично долго и претставува сериозна транформација на телото на жената. Оваа трансформација во комбинација со општествениот третман на бремените жени, придонесува за кревка психа, недоволна општествена адаптираност и одговор на бразата транзиција што се случува во телото. Бремените жени пред себе имаат многу предизвици. Од една страна се исправени пред предизвикот, да ја износат бременоста со здрави навики и да ја одржат додека не се роди детето, а од друга страна треба да се соочат со потешкотии во обавување на секојдневни активности за прво персонална, а потоа и грижа за другите (особено ако имате други деца додека сте бремена), но во одредени ситуации дури и да сте прилично активна трудница, општествената перцепција е дека вашите потенцијали не можат да се искористат поради што останувате ускратени за основните права, како што е правото на работа.

Додека не ми се случи мене, да останам без работа во текот на бременоста, тогаш кога најмногу ми требаше работа и најмногу бев посветена да се спротивставам на општествените заблуди дека бремените жени се „спори, неактивни, неподвижни и со намалена работна продуктивност“ не знаев колку бремени жени изгубиле работа во текот на својата бременост или биле изложени на класичен мобинг. И додека гледате „Family movies“ и скоро секојдневно го слушате она хипокритично обраќање дека „бременоста е најубав период од животот на една жена“ се прашувате дали нешто не е во ред со вас, затоа што вашата реалност воопшто не кореспондира со очекувањата на средината. Постојано ви стои под прашалник реченицата – Зарем јас имам некој дефект штом не се чувствувам како ова да е најубав период од мојот живот, а всушност секоја жена така го доживува? Секако дека луѓето се склони да лажат, да ги разубавуваат нештата, затоа што сметаат дека ако ја кажат вистината веќе никој нема да се осуди на бременост. Што е сосема погрешна позиција. Вистината е важна во секој случај и многу позначајна од лагата. Барем една жена кога ја знае вистината, реално психолошки ќе се подготви за перидот кој ја очекува и нема цело време да живее со вина дека не и е убаво во бременоста, а по дефиниција би требало да и биде и проблемот да го бара во себе или да прибегне во негација на своите емоции што на крај доведува до сериозни психички нарушувања.

И таман кога мислите дека вашите проблеми ќе завршат оној ден кога на ден ќе дојде детето, како награда за се што сте морале да го поминете во бременоста, дека ќе пукне балонот од хорноми, ќе се ослободите од огромниот стомак кој ве спречува последните два месеци дури и да одите самостојно на свои нозе, во болница ве чека вистински шок, на кој повторно никој не ве подготвува, иако сите се свесни дека тоа се природни процеси во врска со кои не може нешто многу да се направи и промени.
Самото породување е тежок и неизвесен процес низ кој поминува и вашето тело и телото на вашето бебе. Вашето тело прави стотици маневри во скалата на контракциите, со цел да го обезбеди доаѓањето на бебето на свет. Бебето исто така прави големи напори да стекне способност за самостојно дишење и исхрана по раѓањето. Затоа и плачот е првата реакција на болката која ја чувствува бебето додека му се отвораат дробовите. Во суштина плачот е присутен во текот на целиот процес на породување. Прво родилките плачат од болка, потоа од радост кога ќе го слушнат плачот на своето бебе и на крај од тотална збунетост и од олеснувањето кое го чувствуваат кога се на што размислувале можеби и целиот свој репродуктивен живот конечно завршило. Секако ова особено важи доколку сте првородка.
Породот завршува, бебето ви е во прегратка, вашето семејство го слави пристигнувањето на новиот член на семејството. Но за вас допрва почнува еден тежок и предизвикувачки период.

Прво во болница се соочувате со постојана инвазија на медицински персонал кој буквално од првата средба со бебето ве пипка по градите, ве стиска, ви мести бебе на града, а само неколку сантими под тоа, имате отворена рана од царски рез, катетер, вклучени на инфузии од сите страни, зашематени од анестезијата. Тоа е велат природен процес да стигнете до лактација, затоа што неонатолозите постојано ве уверуваат дека мора да работите на добивање на мајчино млеко, како единствен сигурен услов детето да ви биде здраво.

Кога бебето ќе се роди, веќе сите забораваат на вашите потреби, иако во истиот момент и вие сте пациент, кој не може сам да обави ни нужда по царски рез доколку нема помош од болнички персонал. Процесот на добивање лактација е спор, напорен, исцрпувачки процес, кој дополнително се комплицира поради стресот што го имате од притисокот да добиете млеко, па размислувате што ако не добијам млеко, никој не ви дава информација што доколку не се дојде до лактација или количеството млеко не е доволно? Едноставно медицинскиот персонал ви ја нуди лактацијата и мајчиното млеко како единствена опција. Без разлика што од силни анелгетици, дијазепами и терапија што ја добивате во тој момент, слабата исхрана поради операцијата и фактот дека можеби не сте спиеле повеќе од четири часа на ден во текот на изминатите три месеци само создаваат проблем во процесот на добивање лактација, затоа што неонатолозите упорно забораваат дека и вие сте пациент. Гинекологот и акушерите откако ќе се породите, исто така ги ставаат вашите потреби на секундарно место.

Само понекој совесен лекар може да побара од сестрите да ве остават да одмарате и да не ве оптоваруваат толку со вежби за лактација и разноразни лекции за одгледување на бебето во престојниот период кој нема шанси да ги запомните бидејќи се во тој момент неупотребливи, затоа што едвај сте го украле тој еден саат од времето кога на помини – замини некоја медицинска сестра не ви ставила интервенозно некој лек, или не ви ја менува инфузијата.

Да не зборуваме колку е дополнителен шок за новороденче кое наменски гладно се носи кај мајката за да влече од градата и да потикнува лактација. После 10 неуспешни обиди, вашето бебе избезумено од глад плаче веќе долго време, вие имате незапамтена болка од силно влечење во региа на отечени жлезди, барате храна за бебето, ви викаат да стои на града уште десет минути. Поминуваат и тие десет минути, агонијата само се зголемува, повторно барате дохрана да го спречите плачењето на бебето и ви велат „Е добро де, бебето треба да плаче, сите бебиња плачат тоа им е работа“. При тоа, никој не води сметка како страшни последици остава по психичкиот и невролошкиот развој на бебето, предолгото плачење и занемарување на неговите потреби. И за таа тема секако никој не ги консултира психолозите и невролозите во болницата, затоа што медицинскиот персонал од неонатологија, знае се што е најдобро за бебињата. Шлаг на торта е совет на патронажна сестра кој јас лично го добив, дека доколку некогаш бебето неконтролирано плаче, треба да го оставам на страна, да излезам од соба, да вдишам и издишам неколку пати и повторно упорно да настојувам да го спроведам нивниот совет за тоа како со помош на бебето да добијам лактација.

Не успевам во тоа, како и многу други жени, кои наведнуваат глави додека се збори за исхрана. Зошто мајките кои ги дојат своите деца се помајки од овие што ги хранат со „вештачко млеко“. Наведнувате глава и пред педијатрите кои секогаш многу неволно ве погледнуваат доколку речете дека користите адаптирана формула за вашето бебе и дека немате доволно млеко. Ако се удостојат воопшто да го продолжат разговорот, сигурно се наоѓате во некоја приватна клиника каде дебело го плаќате прегледот. И на крај доаѓа момент кога по некое време конечно ќе ви порасне бебето и ќе можете да излезете, да се социјализирате, да преземете активност, да се вратите на работните обврски, а од секој ќош коментари – „Аха значи бебето сега го чува маж ти, па добро кога е на вештачко млеко лесно ти е тебе“ или коментар кој треба да е навидум смешен „Добро си се омажила“.

Сето тоа го преживува една бремена жена, родилка и „тазе“ мајка, од недостоинствен третман како човечко суштество на работа, до недостоинствен третман од медицински персонал при породување, нега и грижа за детето во болнички услови, општествен третман на мајката по излегување од болница и секогаш ПРЕГОЛЕМИ ОЧЕКУВАЊА од мајката која е и работник, пациент, па човечко суштество. Потребите на жената секогаш се занемаруваат. А сите забораваат дека доколку жената не е здрава, таа не може да биде функционална мајка. За овие теми мора погласно да се говори, инаку насилството врз жените и мајките ќе продолжи и за време на бременост, породување и целосната одговорност на која мајките особено се повикуваат за воспитанието на нивните деца. Оваа неправда која ја чувствуваат мајките се одразува и на татковците. Тие сакаат да бидат со своите деца, а општеството со погрешните верувања ги трга од нив, затоа што се смета дека за децата е задолжена мајката. Замислете како им е на татковците ако од некоја оправдана причина треба да го однесат детето на лекар. Од некоја страна со голема сигурност ќе се појави тој еден што ќе го тера да објаснува „Зошто сте вие со детето, па каде е мајка му?“ Русо дал убав рецепт што треба да се прави со такви луѓе кои наметнуваат погрешни верувања. Ама ај да не го кажам. Поради Русо, мене ќе ме обвинат за говор на омраза. Лошо време дојде. И да завршам со славна мисла на Русо која добро ја опишува денешницата „Тоа што јас сум параноичен, никако не е доказ дека не ме следат“!

Автор: Магдалена Стојмановиќ