Жените обавуваат многу работи во текот на денот, особено околу домот и семејството. Иако домаќинските работи се благородни и жените се непосредно вклучени во растот и развојот на своите деца и преку домашните работи постојано ги опслужуваат потребите на домаќинството и семејството, таа работа не е видлива, ниту платена.
Закоравените обичаи и норми на патријархатот не учат дека природна положба на жената е во семејството и секоја жена која се труди да изгради своја кариера и да се посвети на својата работа не се гледа со благонаклоност. Во суштина овие ставови кои и жените несвесно ги усвоиле преку воспитанието ја ставаат жената во позиција да обавува бесплатна работа во домот, која не е ценета од другите, а жена која има своја работа, ја занемарува токму поради тоа што смета дека семејството и децата мора да бидат на прво место.
Жените често забораваат дека родителската улога ја делат со таткото и прифаќаат поголем дел од обврските околу децата да ги преземат сами, исто како што забораваат дека едно домаќинство не го чинат самите тие, туку во неговиот состав има повеќе единки кои освен што ги уживаат своите права, во рамки на домаќинството имаат и свои одговорности.
Зошто жените треба секогаш да ја ставаат работата на прво место во својот живот?
- Работата им овозможува финансиска слобода
Ако сакате да го усреќите вашето дете со новогодишен подарок, да си обезбедите излегување со пријателите, или ручек со семејството, вашата финансиска слобода игра голема улога. Жената која нема сопствени примања често се третира како терет, дека ги узурпира туѓите средства и своите потреби ги става на последно место.
Жената која може да си приушти мали задоволства, има поголема самопочит, а со тоа и почит од другите.
- Ви овозможува да поминете време надвор од дома
Жената која целото свое време го поминува решавајќи ги проблемите на своите деца, го менаџира домаќинството и има ограничен простор на движење од шпоретот до спалната соба, знае колку е драгоцено времето кое го поминува надвор од дома правејќи нешто за себе – развивајќи ја својата стручност и заработувајќи пари.
Времето кое го поминувате на работа ви овозможува полесно да го менаџирате своето време помеѓу работата и семејството и да си дадете простор да правите нешто за себе.
- Жената која работи има мрежа на контакти кои може да и донесат напредок
Работата ви носи секојдневен контакт со многу луѓе, преку кој контакт учите, грешите, се справувате со стрес и неуспех, но и вложувате во личниот развој. Жена која вложува во личниот развој може многу повеќе да им пренесе на своите деца, одошто жена која стагнира во својот развој и се чувствува депримирано.
Контактите кои ги склучувате на работа може да бидат од големо значење за вашиот просперитет во иднината, па од добра работа да заминете на уште подобро работно место или едноставно да склучите пријателства во кои ги уживате.
*Сетете се дека на жените им требала вековна борба да се изборат за правото на работа и да почнат да заработуваат сами за себе. Заедничкиот буџет ја остава жената на последно место. Важно е да имате свој паричник, па дури и да не е секогаш полн!