Доколку вашата работа подразбира работа пред екран, во тој случај согласно член 9 од Законот за безбедност и здравје при работа, потребно е да го потсетите вашиот работодавец дека во тие услови треба да важат некои посебни одредби за заштита на вашето здравје. 

Работниците кои работат пред екран имаат право на повеќе паузи од работа, особено паузи на краток временски период со цел да ги одморат очите, но и да го опуштат притисокот во вратот и рамењата, пропишано е во Правилникот за заштита при работа со екрани.

По секоја континуирана работа од 120 минути пред екран, работникот има право на пауза во времетраење од 15 минути.

Понатаму производителот и набавувачот на опремата треба да води сметка за безбедноста на опремата и екранот по здравјето на корисниците, односно работниците.

Растојанието помеѓу очите и екранот не треба да биде помала од 50см, сликата на екранот не треба да трепери и фреквенцијата не треба да биде помала од 70 Hz. Односот на светлоста на знаците и позадината не треба да биде помала од 4:1, тастатурата не треба да биде подигната на висина поголема од 3 см, а слободна површина на работната маса или работниот простор не треба да е помала од 10см, како работникот слободно би можел да ги постави рацете.

Доколку овие услови не се исполнети а вашата работа предвидува секојдневно континуирано користење на екран, имате право да поднесете приговор до раководството за загрозување на безбедноста и здравјето при работа. Доколку и тогаш не се обезбедат соодветни услови, работодавецот може да одговара по Закон за безбедност и здравје при работа, согласно член 9 пред надлежниот суд.