После четири месеци без плата и осигурување 600 семејства се оставени на милост и немилост и никој не бара одговорност за ваквата дисфункционалност.

Вака група од вработени во А.Д. Водостопанство го започнаа писмото кое го испратија до нашата редакција. Велат дека се во очајна состојба бидејќи никој не им помага и мора да се обратат до медиумите со цел да се побара одговорност зошто 4 месеци, 600 семејства се оставени без редовни месечни приходи и без платено здравствено осигурување.

Како што се наведува во писмото и покрај тоа што А.Д. Водостопанство е државно претпријатие и кога нема пари за исплата на плати обично се вклучува Владата, овој пат се оставени без никаква помош.

Ни поставија директор од Алтернатива, но во меѓувреме му се смени статусот и повеќе не е дел од Алтернатива и откако ги потроши обезбедените пари од претходниот директор престана да дава плата. Во периодот кога Владата забрани трошење пари, тој без никаков проблем си реновираше луксузна сала за состаноци, одеше на патувања и трошеше пари за работи кои не се важни, стои во писмото испратено до нашата редакција.

Во моментов извршен директор на А.Д. Водостопанство е Локман Љимани, кој пред две години Владата го разреши од функцијата директорот на Државниот градежен инспекторат. Вработените се прашуваат како е возможно разрешен директор на Државен градежен инспекторат повторно да се избере и назначи за директор на државно претпријатие кој претходно бил разрешен од Владата поради очигледното незадоволство од неговата работа.

Локман Љимани, извршен директор на А.Д. Водостопанство

Вработените се прашуваат и дали толку во Македонија нема способни луѓе, па мора истите директори само да ги менуваат претпријатијата во кои директоруваат.

Се обративме и до Секторот за односи со јавноста при А.Д. Водостопанство со цел да ги провериме наводите во писмото, но телефонскиот број на лицето кое е назначено за односи со јавност денеска не беше достапен.