Американскиот претседател Џозеф Бајден вечерва изјави дека ќе ги поддржи санкциите против Талибанците, кои Велика Британија има намера да ги иницира на утрешниот состанок на Г7.

На новинарско прашање во Белата куќа, дали ќе ги поддржи санкциите против Талибанците, Бајден одговори потврдно.

Одговорот е да. Тоа зависи од нивните постапки – рече Бајден, пренесува ABC News.

Тој додаде дека, кога станува збор за односите на САД со Талибанците, тој чека да ги види следните чекори на таа група.

Талибанците рекоа дека сакаат легитимитет, а ќе видиме дали мислеле на тоа или не. Тие бараат легитимитет за да видат дали ќе бидат признаени или не од други земји – објасни Бајден и додаде дека досега се работи само за разговори.

На прашањето дали ќе го продолжи рокот за повлекување на американските војници од Авганистан, кој истекува на 31 август, Бајден рече дека се надева дека нема да има потреба од негово продолжување.

Тој, сепак, додаде дека за продолжување на тој рок се разговара со армијата.