Феминизмот не одолеа на предизвикот едно искрено движење на група жени во насока на остварување на своите конкретни права да стане идеологија. Како впрочем и многу други движења. За движењето во принцип важи правилото „Кога ќе порасне ќе стане идеологија“.
Бобата за конкретни граѓански права на жените мораше теориски да го реконструира полот, да го роди родот и да го оддели биолошкото од општественото, сметајќи го биолошкото како неважно за општественото со можност да биде преуредена биологијата.
Феминизмот е мајка на ЛГБТ идеологијата, а успешниот крај на заедничката борба обично се прославува со сексот. Сексуалноста на луѓето стана од клучно значење за нивниот идентитет. Медиумите се загрижени кога геј маж ќе доживее вознемирување на работно место затоа што е геј, но ни малку не се загрижени кога стрејт жена доживува вознемирување на работно место од колега баш затоа што е стрејт. Стрејт е неинтересно, стрејт е неборбено и стрејт е впрочем она што е најмалку видливо. Геј парадите се третираат како израз на слободата и никој што е стрејт не парадира гордо затоа што е стрејт. Реконструкција на концептот пол и воведувањето на концептот род удира директно во промена дури и на органите од неживотозагрозувачки причини.
Со исклчок на чесниот лекарски свет, лекарите побрзаа во своите ординации за пластична хирургија и операции за промена на пол кои носат многу профит. На светот му менува многу дали една личност е стрејт или геј и сексуалната ориентација е навистина тема од клучно значење.
Феминизмот ја засноваше својата теза дека „Жените се обесправени во рамките на својата култура која е доминантно патријархална“. И тоа е точно. Жените се ужасно обесправени во рамките на својата култура. Единствено што феминизмот не успеа да го надмине во проширувањето на борбата за праведноста е тоа што ја заборави тезата дека и мажите исто така се обесправени во рамките на својата култура. Во Турција сите момчиња без исклучок служат задолжителен воен рок, често се мобилизираат во опасни безбедносни зони. Турција е аспирантка на ЕУ, а тие момчиња никој не ги прашал дали е загрозување за нивната слобода задолжителниот воен рок.
Ако одиме подалеку од Европа, ситуацијата е уште покатастрофална. Во Јапонија највозрасните деца во многудетно семејство се праќаат да бидат сумо борачи. Се принудувани да јадат повеќе од другите свои врсници и нивниот животен век е секогаш -10 години од просечниот. Умираат релативно млади од срцев удар и други форми на болести што се појавуваат од гојазност.
Во Кина, машките деца кои се под казна се праќаат во специјални школи за шаолини каде што се изложувани на макотрпен тренинг. Исто така, нивната култура не ги прашала тие машки деца дали е загрозување за нивната слобода да се изложуваат на суров тренинг само за да станат функционални членови на едно општество.
Во примитивните заедници низ Австралија, племињата организираат борби за машки деца кои излегуваат од адолесценција и се подготвуваат да станат мажи. Целта на борбата е машкиот член на заедницата да покаже храброст и бестрашност пред женските кои обично седат во публиката и имаат задача да си го изберат „својот најдобар“.
Скоро сите култури се еднакво безкрупулозни кон мажите, како и кон жените. Борбата за правата на жените се претвори во „војна на половите“. Теоретичарите на феминизмот затворија очи пред импликациите што ги доби феминизмот, како борба против мажите, а не борба за женските права.
Мажот е тој што се покажува со прст како виновник и како носител на одговорноста за целокупната неправда врз женскиот род, независно од тоа дали е таткото или сопругот. Феминистите ги дозволија импликациите дека мажот во принцип е насилник чија единствена цел на постоењето му е да го урива женскиот пресвет морал или системски да го уништува животот на женското битие. Сите „Госпоѓи Бовари“ наеднаш сфатија дека се суштински обесправени затоа што немаат внимание од мажите кои мактрпно работат за целото семејство. Денеска не можете да сретнете организација во која се зборува за насилство врз мажите и имате куп организации кои целно ја претставуваат жената во улога на жртва и насилството со фигура на маж. Се смени концептот на машкост и денеска маскуло мажите се омразени членови на општеството за кои важи претпоставката дека пијат пиво и ждригаат, носат домаќинка и редовно си ја тепаат жената.
Феминизмот тотално ги обесправи мажите, но и жените… Ги наведе жените да се борат за подобра позиција во општеството вадејќи ги градниците и покажувајќи ги голите гради. Сексизмот стана основа на претставата за жената, не затоа што мажите кажуваат сексистички вицеви, туку затоа што жените водат натпревар во тоа која ќе има поголеми гради, усни, задник и други сексуални атрибути. Жените поведени од феминизам влегуваат во библиотека да читаат популарна психологија која ќе им помогне да сфатат дополнително колку се обесправени и како треба да се наострат да ги гледаат скриените знаци на шовизнимот во изразите на нивните сопрузи.
Феминизмот направи непоправливо голема штета врз мажите, како и врз жените и затоа време е да се прогласи за идеологија на која и истече рокот на траење и феноменологија на едно време во која борбата за сопствените права се претвори во ограничување на правото и слободата на другите.
Автор: Магдалена Стојмановиќ