Допис од ЈП ,,Војводина шуми” деновиве бил доставен до голем број на општини во околината на Апатин, како и до ловни друштва и во полициската станица Апатин, а во кој се алармира дека во околината е забележан див ѕвер, црн пантер кој е доста опасно животно, па се бара граѓаните да бидат внимателни, и доколку го забележат пантерот веднаш да пријават во полиција.

Околу тоа како завршило едно диво егзотично животно во соседна Србија, според претпоставките на тамошните инспекциски служби, се работи за предатор кој илегално бил чуван во Унгарија, па затоа неговото исчезнување не било пријавено.

Животното најпрвин било забележано, но и снимено во близина на Унгарската граница со Србија, по што се претпоставува дека дошло и во Србија. Во Унгарија биле пријавени неколку случаи кога нападнало стока.

Во атарот на Сонта ловочувари ги забележале неговите траги, поголеми од човечка дланка, и викендов локални ловни друштва планирале да организираат хајка на пантерот.