На денешната седница Владата донесе одлука наставата во основното и средното образование да продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари.

Оваа одлука е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, а Владата повикува на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство.

Претходно министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека градинките се постојано отворени, функционираат и други сектори, а за него како министер најважно е што децата одвај чекаат да почне учебната година.

Шаќири нагласи дека е важно да се почитуваат здравствените мерки и дека за заштита и претпазливост од КОВИД-19 не треба да се мисли само во училиштата, туку е важно и однесувањето надвор од нив.

Поради влошената епидемиoлошка состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот на ковид-заразата, Владата на седница на 17 јануари донесе одлука за одложување на второто полугодие кое наместо на 21 јануари треба да започне на 1 февруари. Одлуката за продолжениот зимски распуст за околу 255 илјади ученици Владата ја донесе по препорака на Главниот координативен кризен штаб, а на наредната седница го утврди и бројот на наставни денови во вонредни околности со кои учебната 2021/2022 година ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022.

Претходно, група родители, организирани преку фејсбук-иницијативата „Поддршка за онлајн-настава“, побараа од надлежните второто полугодие да почне онлајн за сите ученици, бидејќи сметаат дека услови за настава со физичко присуство во училиштата нема.