Уште викендов граѓаните на Македонија ќе може да се движат без сертификат за вакцинација низ угостителските објекти, веќе од понеделник на сила стапуваат новите мерки со кои се предвидува казна за граѓаните и за угостителските објекти.

Грaѓаните кои од понеделник ќе бидат затекнати во објект или на настан без сертификат за примена вакцина против ковид-19 ќе платат казна од 250 евра, а казната за угостителскиот објект се движи од 2.500 евра до 30 илјади евра, во зависност од големината на објектот, плус 1.500 евра за одговорното лице, вели дирекоторката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Анета Симеска-Димоска, а пренесува порталот СДК.мк.

Владата на 7 август донесе одлука дека од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид на објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).