Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска изјави дека очекува одлука од Самостојниот синдикат на вработените во образованието, науката и културата (СОНК) утре да започне наставата во основното и средното образование и оти треба да се разгледа начин за потполно постигнување на планираната наставна програма.

Ќе разгледаме секаков вид на можност за менаџирање на ситуацијата заедно со Бирото за развој на образование и со наставниот кадар. Но, за мене многу е важно утре да започне наставата во сите основни и средни училишта – истакна Шаќири на новинарско прашање како ќе се надомести изгубената настава во деновите од штрајкот, по настанот за примопредавање на ректорската функција на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Шаќири воедно дополни дека со планираниот колективен договор ќе има исплата на К-15 и ќе се разгледаат можностите за надомест на патните трошоци на сите што патуваат во подалечни подрачја.

Советот на СОНК попладне треба да донесе конечна одлука дали ќе го прифати постигнатиот договор на раководството на СОНК со Владата за зголемување на платите за 12 проценти, со што би прекинал штрајкот во училиштата и градинките.