Според спроведеното истражување направена е и топ-листа на петте зборови во македонскиот јазик за 2021 година, која изгледа вака:

  • Вакцинација

Оваа лексема во текстовите, во информативните и во дебатните емисии, како и во Интернет-комуникацијата се среќава со дури пет пат поголема зачестеност. Секако, тука треба да ги посочиме и зборовите вакцина и вакцинален кои исто така мошне често се употребувале кај говорителите на македонскиот јазик во 2021 година.

  • Антитела

Лексемата најчесто ја среќаваме во извештаите во дебатни и едукативни програми, како и во Интернет-комуникацијата, особено на социјалните мрежи. Особено е интересно што од сите зборови поврзани со пандемијата со КОВИД-19 овој збор најчесто се употребува во рекламните изданија на Интернет-просторот на македонски јазик.

  • Акција

Интернет- телевизиските, радио – и печатените реклами го донесоа зборот акција на третото место по зачестеност. Интересно е што овој збор најчесто се користи во значење на „попуст“ (не е опишано во Толковниот речник на македонскиот јазик).

  • Протокол

Зборот протокол најчесто го среќаваме во медиумите, додека многу поретко при комуникацијата на социјалните мрежи. Соодносот медиуми – социјални мрежи изнесува 14:1, па тоа е, најверојатно, и причината што лексиката поврзана со пандемијата со КОВИД-19 не ја направи „златната тројка“ на списокот најчесто употребувана лексика.

  • Иновации

Анализата покажува дека овој збор се користи со истата зачестеност како и зборовите од секојдневната лексика (вода, пари и сл.). Ваквата употреба се должи на енормно брзиот развој на високите технологии, но и на пандемијата со КОВИД-19 која наметна потреба токму од иновации, со цел одржување економски баланс во услови на безмилосна конкуренција.