Постои човек кој во животот не кажал ниту една лага?

Веројатно таков нема и нема да се роди. Просто во природата на човекот е понекогаш да информира погрешно за фактичките состојби на кои сведочи, а мотивите за тоа се различни.

Но се разликуваме во степенот на искажување лаги, како и степенот во кој ги инволвираме другите во лажењето.

Сепак лагата како конструкт има многу негативни последици врз сеопштото добро, така што, во кој и облик да е искажана, таа треба да се смета како олицетворение на злото.

Еве кои типови на лажговци постојат:

Лажни ветувачи 

Постојат луѓе кои даваат лажни ветувања на другите. Од тоа дека ќе ви се јават до одредено време, а потоа ги нема, до тоа да ве вклучат во некоја работа и да претрпите материјална, временска и здравствена загуба.

Лажните ветувања се насочени кон „мамење“ на другите и нивна злоупотреба, поради што се еден од најтешките облици на лажење во смисла дека најмногу ги интегрираат другите луѓе.

Бидете повнимателни со луѓето кои „Многу зујат, а малку мед даваат“.

Фалбаџии 

Тие кажуваат лаги со цел да изгледаат поголеми во очите на публиката.

Во суштина фалбаџиите се опасни само по себе, бидејќи кога ќе исчезне нивната идеална слика и се соочуваат со својата реална слика, тие целосно губат компас, па дури и завршуваат во лудило.

Но понекогаш може да бидат и деструктивни по другите. На пример маж кој се фали дека спиел со некоја жена, во суштина има мотив да се прикаже како привлечен маж, но таа лага може негативно да влијае врз угледот на жената.

Озборувачи и сплеткари

Тие кажуваат сведоштва кои никогаш не ги преживеале, а во нив другите се прикажуваат во своите најлоши варијанти.

Мотивот на овие луѓе е да направат што поголема штета на другиот и да му нанесат зло.

Сигурно сте имале таков колега на работа, што ве кодоши на менаџерот дека не работите доволно и дека тој лично ве видел како сте направиле некое недолично дело.

Мистериозни 

Мистериозните луѓе даваат што е можно помалку информации за себе и во принцип тие не конструираат лаги, но ја кријат вистината.

Луѓето кои ја кријат вистината имаат мотив да се заштитат себе или другите околу себе од стрес и коментари и не се толку опасни за другите.

Бенигно е ако на пример не кажете понекогаш дека имате проблем за кој не може да ви помогнат и да ги поштедите од нервози.

Но доколку криете факти а сте дел од некоја криминалистичка истрага, тогаш вие сте соочесник и еднакво одговорен за кривичното дело.