Најновата самостојна изложба на младиот ликовен уметник, илустратор и автор на повеќе книги за деца Ване Костуранов (роден 1979 во Струмица) под наслов „Анатомија на копнежот” во галерискиот постор на МКЦ е плод на повеќегодишна посветена работа. Неговиот резултат од оваа поставка не би можело да се определи само како свртеност кон предметната фигурација или друг сличен правец во современтата ликовна уметност од едноставна причина што неговата преокупација од самиот почеток е насочена кон човечката фигура.

Првиот впечаток од изложените дела изработени во техника акрил на платно е дека во нив е вложен полетен труд и трпеливост во градењето на еден внатрешен светоглед изразен со специфичен ликовен јазик на поетичност на линијата и бојата. Како еден вид илустрација на детски цртеж, чистина и бајковна фантазија претставени се облици на куќи кои низ своевиден интимно доживеан свет на некој начин претставуваат и личности.

Костуранов нуди една чиста и пријатна уметност што одмара, неговата уметност е копнеж на моментот да се почувствува она што не може да опише со зборови, на леснотија и на нешто што нема крај на убавото. Тој внимателно одбира чисти, но облагородени фовистички плохи боја, сосема урамнотежени.

Куќите во неговите цртежи може да се доживеат како декоративни форми кои постојано пулсираат и визуелно се во брановидно движење во вертикали, оставајќи спонтана и свежа импресија на творби што проникнале непосредно, спонтано и без ограничување од самиот творечки импулс.

Неговиот весел и оптимистички дух провејува низ играта на линијата, допадливото украсување на куќите, промената на годишните времиња, така што се се трансформира во една суптилна игра на почувствуваното, не губејќи го визуелното присуство на предметот за кој Костуранов ќе изјави:

Сега се куќи, но едновремено и личности на некој начин. Тоа што исто така е слично се и разиграноста, колоритот, радоста и љубовта што тие со себе ги носат.

Во самото креирање не треба да се заборави основниот белег и квалитет на овие творби, а тоа е богатото чувство за боја. Веднаш паѓа во очи треперливиот заситен колорит кој во компактни партии ја ткае целата површина на платното.

Сето ова укажува на уметниковата смисла за компонирање на сликата, поточно на несовладливиот темперамент на уметникот, кој некогаш се јавува како пресилна опора боја, но која има позитивно дејство во цврстото неразрушиво единство на сликата и оној интимистички сензибилитет кој го изразува преку синото,црвеното, жолтото.

Формата сфатена како креација со сопствен јазик во овие дела ги изразува сите внатрешни спиритуелни чувствувања на уметникот во еден непосреден израз, во боја, линија и облик. Таквото помирување и единство на содржината и формата, како и вербата во интуитивниот момент како повисоко ниво во уметничкото изразување, добива своја сличност во зборовтие на Паул Кле:

Бојата и јас сме едно. Бојата е енергија, таа е емоција која создава расположение во сликата.

Оттука, може да се констатира дека станува збор за создавање на една нова традиција ослободена да се пренесува само во рамките во сликата, на еден уочлив треперливо пулсирачки ентузијазам и возбуда што води кон нова иднина на сликарството.

Анализирањето во набљудување на секое следно дело може да се осети дека окото станува незаситено и бара се поголема комплементарност и хармоничност во суптилното боено искажување на авторот, така што овозможува да уживаме и да се одмориме од тмурната реалност, но истовремено да не воведе во еден магичен и весел свет на живеење изразен преку формата на тн куќа-човек.

Доколку во своето ликовно творештво во подоцнежните идни дела предметното го доведе до се поголема редукција, несомнено Ване Костуранов ќе се доближи се повеќе до апстрактното сликарство каде бојата ќе го заземе централното место во неговото ликовно-техничко проседе и ќе претставува основен сликарски јазик низ кој ќе ги изразува своите интимистички чувства.

Тој совесно и со љубов го работи своето наивистичко конципирано сликарство и со оваа изложба остави длабок печат во македонското современо сликарство останувајќи доследен на себеси и своите ликовни и тематски преоукпации.

Автор: Марија Стојческа